Досега уништени 211 училишни објекти во Украина, ЕУ очекува 5 милиони бегалци

Извор на фотографија: Укринформ

Министерството за образование и наука на Украина соопшти дека од почетокот на руската инвазија на Украина низ целата земја биле уништени или оштетени 211 училишни објекти, јавува Укринформ. Украинските официјални власти соопштуваат дека нивната војска погодила руски воен брод што пловел во Црното море, како и за уништени над 30 руски хеликоптери во окупирана воздухопловна база во близина на градот Херсон.

Инаку, борбите и во текот на изминатово деноноќие продолжија на територијата на Украина. Украинските власти информираат дека руските сили го убиле градоначалникот на гратчето Хостомел, Јури Прилипко, коешто се наоѓа во близина на Киев. Исто така, украинската војска го ослободила градот Чухуив во близина на Харков од руските трупи, при што биле убиени двајца високи претставници на руската војска. Инаку, во Харков минатата ноќ руските сили го гранатирале градот, при што биле погодени 11 згради, а во 21 објект избил пожар.

Укринформ информира и за шест окупирани градови на територија на регионот Запорожје на југот на земјата. Станува збор за градовите Мелитопол, Бердијанск, Енергодар, Токмак, Василивка и Полоху. Очекувањата се дека руските воени сили допрва планираат да го нападнат Запорожје, град од речиси 800.000 жители кој е регионален центар на целата област.

Во меѓувреме, Гардијан јавува за очекувањата на Европската Унија за наплив на бегалци од Украина во нејзините земји-членки во наредниот период. 5 милиони Украинци се очекува да ја напуштат нивната земја доколку продолжи руската инвазија. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека европскиот континент ќе мора да се подготви за бегалскиот бран.

„Мора да ги мобилизираме сите ресурси на ЕУ за да им помогнеме на оние земји коишто ги примаат луѓето. Ќе ни требаат повеќе школи, повеќе приемни центри – повеќе од сè“, изјави Борел.

Гардијан ја пренесува информацијата од полските официјални власти дека во нивната земја досега пристигнале над 1 милион бегалци од територијата на Украина.

Инаку, 12-тиот ден од војната во Украина би требало, според најавите на украинските власти, да донесе и нови преговори меѓу Киев и Москва, коишто ќе бидат трета рунда преговори меѓу двете страни.