Дополнителни 150 стипендии за ученици со попреченост, преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Фондација Чекор по чекор
Фото: Фондација Чекор по чекор

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, го реализира Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од ЕУ, со цел да обезбеди целосна, рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта. Во текот на учебната 2020/2021 година, обезбедени се стипендии за 322 деца кои се запишаа и редовно посетуваа настава, а се предвидени дополнителни стипендии за нови 150 ученици со попреченост, запишани во прво одделение во учебната 2021/2022 година, соопштија од Фондацијата.

Огласот за новите 150 стипендисти е отворен на интернет страница на Фондацијата „Чекор по чекор“ www.stepbystep.org.mk (на македонски и на албански јазик) и ќе трае до 30 септември годинава, соопштуваат од Фондацијата, и преку него може да аплицираат сите родители-старатели на деца со попреченост запишани во прво одделение.

Висината на месечната стипендија е 50 евра, во денарска противредност, и ќе се доделува за период од 10 месеци, од септември 2021 до јуни 2022. Дали ќе се задржи стипендијата во следната учебна година, ќе зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение.

Од Фондацијата „Чекор по чекор“, напоменуваат дека, семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија, не го губат правото на гарантираната минимална помош (според „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош…”), бидејќи при остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, стипендијата не се смета како приход.