fbpx

Дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица за три години во Охрид

-

Во наредните две-три години, македонскиот туристички бисер и летен културен центар, Охрид, треба да добие уште три капитални објекти: катна гаража, автобуска станица и дом за стари лица. Формалната одлука веќе ја донесе градскиот совет, меѓутоа без советниците на опозицискиот СДСМ. Тие не се согласуваат со начинот на градбата, односно таа да оди преку постапка за отуѓување на градежното земјиште, во сопственост на Република Македонија.

– Ако ги продадеме и овие парцели, тогаш што ќе им оставиме на идните генерации во наследство – предупредува координаторот на советничката група на СДСМ, проф. д-р Јован Стојаноски. Тој напоменува дека со изборната програма, ВМРО-ДПМНЕ се обврзала трите проекти да се финансираат од општинскиот буџет, а не со оттуѓување, односно продажба на земјиштето.

– Сметаме дека постапката треба да оди преку други форми, како што се долгорочен закуп, давање под концесија – вели Стојаноски.

Од друга страна, градоначалникот Никола Бакрачески тврди дека никогаш претходно не било ветено дека проектите ќе се реализираат со општински пари.
– Според извршените анализи, консултации на стручните лица во изминатиот период и контактите со лицата кои пројавиле интерес да инвестираат, ние сметаме дека на овој начин е најлесно да се дојде до реализација. Не можеме да предвидеме опција која однапред знаеме дека нема да успее. Доколку, пак, огласите се неуспешни и никој не се јави или никој не ги исполни критериумите, тогаш ние ќе размислуваме и за друг начин на реализација на проектите – категоричен е Бакрачески.

Граѓаните и туристите, со нетрпение ги очекуваат најавените објекти. На местото на старата автобуска станица е подигнат станбен комплекс, додека она што сега се нарекува „автобуска станица“, не приличи ниту за последно село, а камоли за прв туристички центар. Во летната туристичка сезона, недостига простор за паркирање, затоа што локалните власти, проектантите и градителите досега „штанцаа“ само викенд-станови, а не и придружна инфраструктура. Конечно, Охрид и без туристите веќе е град од шеесетина илјади жители, додека потребата од згрижување на старите лица „се задоволува“ со користење на услугите на геријатриското одделение на Општата градска болница.
(В.М.)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...