fbpx

Дивата депонија во Никуштак повеќе од две децении ги труе граѓаните, ветувањата за нејзино расчистување не се реализираа

Од Општина Ликово се правдаат дека расчистувањето на дивата депонија се врши редовно и дека „многу брзо ќе ја оградат депонијата“, нешто што го тврдат уште од 2017 година, пренесува Порталб.мк

-

Повеќе од две децении нема решение за расчистување на депонијата во село Никуштак во општина Ликово. Жителите изгубиле надеж дека овој проблем ќе се реши и и понатаму се загрижени за своето здравје. Од Општина Ликово се правдаат дека расчистувањето на дивата депонија се врши редовно и дека „многу брзо ќе ја оградат депонијата“, нешто што го тврдат уште од 2017 година, пренесува Порталб.мк.

Јавното комунално претпријатие на општина Ликово „Пиша“, од 1997 година со одлука на општинскиот совет, отпадот од селата Никуштак, Орланци и Грушино го фрла во дива депонија, без никакви стандарди. Ваквата депонија жителите од овој крај ја гледаат како неизлечива болест. Тоа предизвикува низа еколошки и здравствени проблеми за жителите, почнувајќи од аерозагадувањето и лошата миризба, загадувањето на почвата и можноста за ширење разни болести.

Порталб го фати на дело и ЈП на Куманово како фрла отпад

При увид на теренот на депонијата во Никуштак, наидовме на вработени од кумановското јавно претпријатие „Чистота и зеленило чии камиони се празнеа во депонијата во Никуштак, иако таму не треба да фрлаат отпад.

Еден од вработените во Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово со кој разговаравме ни кажа дека само во средата (19.06.2024) отпадот го фрлиле во депонијата во селото Никуштак, бидејќи имаат проблем со „ Депонијата Краста“ која на 17.06.2024 година ја зафатил пожар и поради тоа, како што рече тој, отпадот го фрлиле во депонијата во село Никуштак, а за ова е известена и општина Ликово.

Фото: Порталб.мк

Порталб.мк контактираше со Јавното комунално претпријатие „Пиша“ на Општина Ликово. Ги прашавме дали се запознаени за фрлањето отпад од страна на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово, во депонијата на село Никуштак, но од таму не добивме никаков одговор.

Исто така, се обративме и до двете општини, Ликово и Куманово, со прашање зошто се фрла отпад и од Куманово, но ниту една од нив не даде одговор.

Граѓаните се уморни, „резултат нула“

Порталб.мк разговараше со жителите на село Никуштак, кои велат дека се чувствуваат уморни од овој нерешен проблем веќе долги години.

Граѓаните велат дека сликата е многу лоша кога се пали отпадот, бидејќи се прави многу чад и истиот се шири по селата, а има и многу лоша миризба.

„Депонијата во село Никуштак е болест за нашиот народ, фрлањето отпад меѓу три села не е нормално. Но, тоа се случува само кај нас. Овде отпад фрлаат и жителите од другите села, но ништо не можеме да направиме бидејќи таа депонија е на сите вас. Многупати сме апелирале до надлежните, но резултатот е нула“, изјави еден жител на Никуштак.

Друг жител посочи дека пред многу години на ова место почнале да фрлаат отпад, и потоа се претворило во депонија.

„Колку што се сеќавам, на оваа депонија почнаа да фрлаат отпад од 2002/2003 година. И општина Ликово се обиде да најде решение, но за жал, долги години се уште немаат никакво решение. Се надеваме дека во иднина нешто ќе се преземе со оваа депонија, подобро е да се отстрани, бидејќи навистина фрлањето отпад нас ни штети многу, и не е добро за нашето здравје, не само за жителите на нашето село туку и за жителите на селата во целиот регион, мора да се најде решение“, рече еден друг жител.

Општина Ликово се правда

Од општина Ликово потенцираат дека депонијата редовно се чисти од страна на комуналното претпријатие, но за тоа сега го обвинуваат топлото време и фрлањето отпад од страна на несовесните граѓани и разните претпријатија.

Посакуваме што поскоро ја оградиме, така што само комуналното претпријатие да има право да го депонира отпадот и да ја одржува“, велат од општина Ликово.

Од општина Ликово објаснуваат дека Владата на РСМ преку Министерството за животна средина и просторно планирање е во процес на избор на економскиот оператор кој има обврска делумно да ја затвори оваа депонија.

„Еден друг дел ќе остане само како пункт за собирање и утовар на отпад до регионалната депонија што ќе се гради, која се уште е во процедура се додека не се изгради заедничката регионална депонија“, велат од општина Ликово.

За овој проблем објаснување побаравме и од Министерството за животна средина и просторно планирање, но одговор не добивме.

Неисполнето ветување

Колку за потсетување, актуелниот градоначалник на општина Ликово, Еркан Арифи уште во првиот мандат вети дека во рок од шест месеци депонија ќе ја огради со ѕид.

Од 2020 година до денес, расчистувањето на дивите депонии за комунален отпад и депониите за отпад во источниот и североисточниот плански регион постојано се одложува. Ова ветување дадено во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2020-2024 година не е исполнето. Во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот од 2020-2024 година, на страна 43, стои дека централната власт ќе ги спроведе активностите за интегриран и финансиски одржлив систем за регионалното менаџирање со цврстиот отпад во источниот и североисточниот регион, а меѓу ветените активности е и затворањето на депониите во општините од овие два региони, Ова ветување сега е 4 години старо, а во некои региони се уште не е завршена постапката за избор на економски оператор за расчистување на овие депонии.

Во 2013 година тогашниот градоначалник на општина Ликово, Садула Дураку, како решение вети регионална депонија во Кумановскиот регион.

Во мај 2021 година, градоначалникот на општината, Еркан Арифи, го промовираше истиот проект.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Мирдита, добар дан“: Србија забрани соработка на српските и косовските уметници

Младинската иницијатива за човекови права во Србија вчера соопшти дека добила известување од тамошното Министерство за внатрешни работи оти се забранува фестивалот во нивна организација „Мирдита, добар дан“. Забраната за...