fbpx

Мета факт: Споровозно се исполнува ветувањето за чистење на депониите во Источен и Североисточен регион

-

Од 2020 година до денес, во континуитет се одолговлекува чистењето на нестандардните општински депонии и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион. Причините за одложувањето беа од изборот на компании и надзор над работите што ќе ги чистат депониите, преку потребата од изработка на неопходната урбанистичка документација од општините за овие локации, до проблематизирањето на изградбата на современата регионална депонија за овие два региона во Општина Свети Николе. Ова ветување дадено во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2020-2024 година се исполнува многу споро, и можеме да заклучиме дека неговата реализација е во тек.

Во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2020-2024 година, на страница 43, се наведува дека централната власт ќе ги спроведе активностите за интегриран и финансиски одржлив систем за регионално управување со цврст отпад во Источен и Североисточен регион, при што меѓу ветените активности, е и затворањето на депониите во општините од овие два региона.

Станува збор за нестандардни депонии во 18 општини кои немаат А-интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање и претставуваат опасност за животната средина и луѓето, поради континуираното загадување на водите преку исцедокот од депонијата, воздухот поради палењето на депониите и обработливите почви поради нивната лоцираност, во голем број од случаите, до плодно земјоделско земјиште.

Врз основа на ваквото владино ветување од програмата за работа, Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот од јануари 2021 година објави дека споменатата година ќе започне чистењето на нестандардните општински депонии и нелегалните ѓубришта кои се создадени во Источниот и Североисточниот плански регион.

Првичниот рок за почеток на работите во пролетта 2021 година се одложи, а владата на 88-та седница одржана на 19 јули 2021 година, врз основа на информацијата за статусот на реализација на подготвителните активности поврзани со проектот за затворање на нерегуларните депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот регион, донесе Одлука за затворање на дивите депонии и ѓубришта во 18 општини од Источниот и Североисточниот регион со која се опфатени и над триесеттина диви ѓубришта.

Истата година, чистењето на депониите и ѓубриштата се одложи за есента, поради потребата од реализација на подготвителни активности, како што информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање на 29 август 2021 година. Ваквиот рок не се испочитува, а нов рок за уредување на загадените површини во двата региони беше даден во јануари 2022 година, односно процесот требаше да отпочне пролетта 2022 година.

Од Министерството во јануари 2022 година објаснија дека одобрена е проектната документација од Секторот за централно финансирање и склучување договори на Министерството за финансии, што била административна постапка која требало да се заврши во есента 2022 година пред да започнат активностите на терен.

Сепак, чистењето на депониите и ѓубриштата од Источниот и Североисточниот плански регион не започна ниту во текот на 2022 година. На последниот брифинг за новинарите што го одржа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кон крајот на ноември 2022 година информираше дека во тек е реализацијата на проектот за чистење на дивите депонии во Источниот регион, а наскоро треба да продолжи и чистењето на дивите депонии во Североисточниот регион.

Инаку, проектот е во вредност од околу 10 милиони евра и со него во првата фаза треба да се исчисти отпадот расфрлан во 30-тина ѓубришта од двата региона, но што е уште поважно, планирано е да се затворат нестандардните депонии што ги користат 18 општини од овој дел на земјата. Целиот проект треба да се реализира во две фази, со кои ќе се опфатат сите 104 диви ѓубришта и 18 нестандардни депонии во Источен и Североисточен плански регион.

Покрај постапката за чистење, со обезбедените средства треба целосно да се затворат депониите, односно на овие локации во иднина воопшто нема да може да се одведува нов отпад. Исто така, ќе треба да се рекултивираат депониите, за што е потребен период на реализација од една година. Ова значи дека исчистената локација ќе треба да се огради, да се исчистат каналите за атмосферските води, да се врши мониторинг на квалитетот на подземните води и да се набљудува стабилноста на прекривката која што ќе биде поставена на дотогашните депонии. За визуелната проверка и одржување на локациите ќе бидат задолжени јавните комунални претпријатија.

Самиот проект инициран од владата во двата плански региона доцни со реализација над две години, но неговата имплементација веќе е започната преку изборот на компании што ќе работат на затворање на нестандардните депонии и изготвувањето на целокупната урбанистичка документација за секоја општина што треба да му претходи на чистењето, така што можеме да заклучиме дека целокупната постапка досега се одвиваше многу бавно и дека овој проект во моментов е во тек на реализација и не е завршен до денешен ден.

 

ИЗВОРИ:

 

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија во периодот 2020-2024, проверено на 03.01.2023 година.

Веб-страница на Владата на Република Северна Македонија (19.7.2021 година): Од 88-мата седница на Владата: Утврден Предлог-законот за опојни дроги; Започнува затворањето на дивите депонии во источниот и североисточниот регион; Се проширува опфатот за финансиска поддршка на инвестициите, проверено на 03.01.2023 година.

Мета.мк (15.1.2021 година): Годинава ќе почне чистењето на сите несоодветни депонии и ѓубришта во Источен и Североисточен регион, проверено на 03.01.2023 година.

Мета.мк (29.8.2021 година): Чистењето на расфрланиот отпад во Источниот и Североисточниот регион ќе започне во септември, проверено на 03.01.2023 година.

Мета.мк (20.1.2022 година): Пролетва се најавува конечно старт на чистењето на депониите во Источен и Североисточен регион, проверено на 03.01.2023 година.

Мета.мк (29.11.2022 година): До крајот на годината тендер за регионалната депонија во Свети Николе, изградбата догодина, проверено на 03.01.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...