fbpx

Димитров за Еуроњуз: „Бугарија со својата политика го компромитира македонско-бугарското пријателство, а става вето и на ЕУ кон регионот“

-

На маргините на Белградскиот безбедносен форум, во интервју за Еуроњуз, вицепремиерот Никола Димитров зборува за кредибилитетот на ЕУ во регионот, во светло на последниот пакет за проширување на Европската комисија, како и регионалната соработка и нејзината важност во контекст на европската интеграција.

Осврнувајќи се на наодите од последниот Извештај на ЕК за Северна Македонија, Димитров истакнува дека отсуството на акција по однос на препораките на Комисијата, ја намалува тежината на овие наоди.

Димитров: „Македонскиот пат кон ЕУ е посебно тежок, за жал. Можеби и најтежок. Почнавме меѓу првите. Практично Договорот за Стабилизација и асоцијација го потпишавме пред Хрватска. Хрватска е членка веќе 8 години, ние не можеме да го почнеме, уште сме пред вратата, чукаме на вратата на процесот. Првиот добар извештај стигна во 2009 година. Значи ние имаме над 10 добри извештаи коишто не се доволни за акција. И во таа смисла, од таа страна, се разбира тој документ е важен, бидејќи е оценка за земјата во однос на реформите. Ние имаме сосем споредливи резултати и со Србија и со Црна Гора – земји коишто се во процесот веќе со години, и во првиот кластер темели и во вториот кластер, и во третиот кластер, и во четвртиот, итн. Меѓутоа тоа што нема акција на некој начин ја намалува тежината на овие извештаи и во извештајот во пакетот на проширување дури и самата Комисија го констатира.“

Во таа смисла, Димитров нагласува дека Бугарија со наметнатата пречка кон Северна Македонија, ги блокира и политиките на ЕУ во регионот: 

„Бугарија со својата политика и ветото на некој начин го компромитира македонско-бугарското пријателство, а става вето и на ЕУ кон регионот од коишто сме дел. И мислам дека навистина е време за лидерство и одговорност, малку да мислиме сите каде сакаме да биде Балканот за 10 години од денес.“

На прашањето дали спорот со Бугарија можел да биде превениран, Димитров појаснува дека токму за таа цел Северна Македонија и Бугарија имаат потпишано Договор за пријателство.

Димитров: „Ние практично го решивме прашањето со Бугарија и потпишавме Договор за пријателство прво со Бугарија, за да се свртиме понатаму кон Грција да го решиме големиот проблем. Членот 2 од тој Договор вели дека Бугарија ќе ни помага по патот кон ЕУ. Како и да го толкуваме зборот „помага“, сигурно не значи блокирање и вето, и на некој начин со оваа политика Бугарија го прекршува Договорот што го склучивме за добрососедство, пријателство и соработка, и од аспект на помош на европскиот пат и од аспект на немешање во внатрешни работи, бидејќи македонскиот идентитет, македонскиот јазик е наша работа. Тоа не е прашање за трета држава.“

Во однос на регионалната соработка и односите Белград-Скопје, Димитров укажува дека градењето на заедничка иднина е заедничка определба:

„Односите се пријателски, ние и со Србија имаме заедничко минато, бевме дел од бившата федерација и сакаме да имаме заедничка иднина во смисла на ЕУ, заедничка европска иднина. Сега има многу поголемо разбирање, има почести средби, посети меѓу владите на двете земји.“

За влијанието на застојот во евроинтеграцискиот процес врз довербата во власта, а во пресрет на локалните избори и најавите за промена на премиерската функција, Димитров подвлекува:

„Јас имам една специфична ситуација бидејќи не сум во партија, а зборуваме за локални избори. Мојата лична мисија и кауза и улогата да речеме во политиката е стратешкиот курс којшто ние го почнавме во раните 90ти – да влеземе во НАТО, што за нас значи столбовите и покривот на куќата и да влеземе во ЕУ за да го средиме домот внатре. Така што локалните избори треба по дефиниција да бидат за локални теми, меѓутоа факт е дека и перцепциите за централната власт влијаат врз локалните избори. Да видиме што ќе се случи:“

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...