Од денеска двојно се зголемени протекот и брзината со која работи веб-апликацијата за проверка на избирачкиот список на страницата на ДИК, ни потврди Владо Васиљевски, раководител на секторот за информатика.

– Претходно брзината беше 30 мегабајти во секунда за закачување и за симнување, а сега е 90 мегабајти во секунда за симнување и 60 мегабајти во секунда за закачување. Сега не би требало да има проблеми – рече Васиљевски.

Тој потврди дека вчера поради преголема посетеност на апликацијата, имало мал застој во работата, но дека денеска сè функционира нормално.

Вчера апликацијата за проверка на списокот беше блокирана од 16 часот попладне.

Апликацијата што ја лансираше ДИК за граѓаните да можат да го проверуваат списокот предизвика огромен интерес, но укажа и на бројни недостатоци, нелогичности и на контоверзии – десетици граѓани на иста адреса, непостоечки адреси, починати гласачи, двојни адреси и слично.

Апликацијата од денот на лансирањето стана редовна алатка, а за некои и забава, со која се проверуваа личните, но и податоците на блиските, познатите, пријателите или јавните личности и нивните адреси, па граѓаните често поминуваат и по неколку часа во пребарување.