fbpx

Дигитализацијата во колапс: За е-услуги вложени се 13 милиони евра, а граѓаните побарале само 64.700 услуги

Вкупно 140 закони, заедно со Законот за општа управна постапка сè уште не се усогласени со пакетот закони за дигитализација, процесот на дигитализација на услугите е бавен, а искористеноста на националниот портал за е-услуги од страна на граѓаните е на ниско ниво, констатира ДЗР во најновиот извештај

-

Вкупно 140 закони, заедно со Законот за општа управна постапка сè уште не се усогласени со пакетот закони за дигитализација, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Ефективноста на националниот портал за е-услуги“, а со цел да се даде одговор на прашањето – дали со дигитализација на услугите, за граѓаните ќе се обезбедат поефикасни, целосни, квалитетни и електронски услуги со пониски цени“?

Во извештајот се констатира дека процесот на дигитализација на услугите е бавен, а искористеноста на националниот портал за е-услуги од страна на граѓаните е на ниско ниво.

Па така, во системите на Националниот портал за е-услуги вложени се 829.167.000 денари, односно над 13 милиони евра од Буџетот и од ИПА проекти. На порталот се регистрирани 112.657 корисници кои побарале 64.700 електронски услуги. Од ова, произлегува дека цената на една реализирана услуга преку овој портал изнесува 12.815 денари.

„Со ревизијата е утврдено дека не е воспоставен доволен мониторинг во делот на усогласување на матичната легислатива со законската легислатива за дигитализација, што претставува административна бариера за граѓаните“, се вели во извештајот на ДЗР.

Па така, од 2020 година па наваму, преку Националниот портал за е-услуги, од околу 110.000 регистрирани граѓани, реализирани се помалку од 65.000 електронски услуги. Според ревизрорите, отсуствува и промоција и информираност на граѓаните и бизнис заедницата од страна на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за дигитализација на процесите кај институциите и електронските услуги што се нудат преку националниот портал.

„Со воведување на електронските услуги, се намалува влијанието на административни службеници во постапките и се зголемува употребата на материјално технички средства за издавање на електронски документи. Но, за дигиталниот образец на издадено уверение, извод или потврда се наплаќа износ од 50 денари, иако овие обрасци не се во материјална форма“, заклучуваат ревизорите.

Понатаму, се констатира дека недостасува ИТ квалификуван кадар за поддршка на електронските услуги кои ги нудат институциите.

Во државата се воспоставени пет центри „Една точка на услуги“ каде граѓаните без дигитални вештини и лицата со попреченост можат на едно место да добијат услуги и информации од различни информации. Искористеноста на овие центри во последниве две години е поразителна.

Според извештајот, во Охрид 0,9 лица (речиси еден човек) месечно доаѓал да побара услуга, во Тетово 7,57; во Битола 62 луѓе месечно, а во Куманово 146 граѓани месечно, односно секој вработен во центрите опслужил од 0,2 до 24,33 граѓани месечно.

Во извештајот на Европската комисија за Индексот на е-Влада, за 2021 и 2022 година, Република Северна Македонија беше на последно место, додека во делот на дигитализација на јавните услуги во Европа е позиционирана на претпоследно место.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја враќа оградата од ковано железо околу Владата

Меѓу многуте одлуки од денешната, втора седница на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесена е и одлука за враќање на оградата околу владината зграда, која беше отстранета пред пет...