ДиЏовани: Владата и Собранието да го забрзаат носењето на законите за децата

Таа ги повика сите политички партии да се обединат за доброто на децата и да покажат посветеност кон подобра иднина за земјата така што ќе придонесат за брзо донесување на овие закони

Патриција ДиЏовани, фото: УНИЦЕФ

Во текот на овие 30 години, правата на децата се немаат променето, но детството е тоа што се промени. Денес децата живеат во свет каде нивните права се доведени под ризик и ставени настрана заради други приоритети. Децата не можат да чекаат. Има закони важни за децата кои чекаат во владина или собраниска постапка да го добијат приоритетот што го заслужуваат, изјави денеска претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

„Станува збор за следниве законски иницијативи: предлог законот за правда за децата кој беше утврден од Владата и треба веднаш да се донесе од Собранието; измените на законот за основно образование кои се во собраниска постапка повеќе од седум месеци и досега се поминати само на првото читање; предлог законот за средно образование и предлог законот за стручно образование и обука треба да бидат утврдени од страна на Владата“, рече таа.

УНИЦЕФ го повикува Собранието веднаш и без одлагање да го донесе предлог законот за правда за децата откако ќе влезе во собраниска постапка.

„Пред да добие зелено светло од Владата, овој закон беше подготвуван повеќе од четири години. Со него се воведува нова мерка која обезбедува најдобриот интерес на детето да биде земен предвид при секое носење одлуки што се однесуваат на децата во судир со законот, како и децата-жртви и сведоци во судски постапки. Се воведуваат и нови мерки за поддршка на децата во судир со законот со кои им се овозможува да ја поправат штетата што ја предизвикале, им се помага да ги разберат последиците од тоа што го сториле и им се обезбедуваат можности за реинтеграција во заедницата. Предлог законот е усогласен со директивите на ЕУ за процесно-правна заштита на децата кои се осомничени или обвинети во кривична постапка, како и со минималните стандарди за правата, поддршката и заштитата на децата-жртви на криминал“, изјави ДиЏовани.

Таа повика и Собранието да го забрза усвојувањето на измените на Законот за основното образование.

„УНИЦЕФ искажува загриженост што и по седум месеци од доставувањето на овие измени до Собранието, истите сѐ уште се наоѓаат во собраниска постапка. Иако и сегашниот закон дава добра основа за подобрување на квалитетот на образованието и за инклузивно образование, овие измени се од суштинска важност за обезбедување долгорочно решение за децата во казнено-поправни и воспитно-поправните установи кои и натаму остануваат лишени од нивното право на образование. Оваа негативна состојба постојано ја истакнуваат УНИЦЕФ, Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Европската Унија во нивните извештаи“, рече претставничката на УНИЦЕФ.

Освен тоа, таа побара Владата да преземе итни активности за одобрување и последователно доставување до Собранието на предлог законот за средно образование и предлог законот за стручно образование и обука.

„Овие два закона се од суштинска важност за обезбедување премин од основно во средно образование на децата од ранливите групи, како што се децата со попреченост, децата во воспитно-поправните установи, децата-мигранти и децата-бегалци. Меѓу другото, овие закони овозможуваат справување со дискриминацијата и ја истакнуваат важноста на менталното здравје и на факторите на животната средина во средното образование. Исто така, воведувањето на регионалните центри за стручно образование во законот за стручно образование и обука претставува дополнителен чекор во усогласување на вештините што децата ќе ги стекнат на училиште со потребите на пазарот на трудот“, додаде ДиЏовани.

Таа ги повика сите политички партии да се обединат за доброто на децата и да покажат посветеност кон подобра иднина за земјата така што ќе придонесат за брзо донесување на овие закони.