Девојка на 17 години со јувенилен дијабетес почина од ковид-19

Рентгенска снимка на бели дробови на пациент заболен од ковид-19 со пневмонија | Фото: Hellerhoff, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Пациентка на 17 годишна возраст со јувенилен дијабетес тип 1 утрово починала на Клиниката за инфективни болести во Скопје како последица на заболување со ковид-19, информира Министерството за здравство.

Како што соопштија оттаму, девојката била од село Сопотница, Демир Хисар, и немала примено вакцина против ковид-19. Нејзините тегоби започнале 9 дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје.

„Според лекарските извештаи, на 18.10, младата пацинетка за првпат побарала лекарски преглед во КБ Битола. Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, ТТ 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите“, соопштија од министерството додавајќи дека овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола.

Откако била прегледана, девојката била тестирана и за ковид-19 и резултатот бил позитивен.

„Поради сериозност на состојбата таа била задржана во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка“, велат од министерството. Притоа, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, бил организиран транспорт на Инфективната клиника во Скопје.

„На 19.10 пациентката со возило на Итна Помош е донесена на Клиниката во многу тешка состојба. За време на транспортот е на постојана кислородна поддршка под надзор на медицински тим во возилото“, се вели во соопштението.

Таа била примена единицата за интензивна нега на Инфективната клиника и бил применет „интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка ковид-19 инфекција“.

Но, како што соопштуваат од министерството, следело прогресивно влошување на состојбата „со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика“.

„Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации“, велат од Минситерството за здравство.

Во текот на вчерашниот ден нејзините витални параметри драматично се влошиле што довело до срцево белодробно попуштање.

„И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина“, соопштија од ресорот здравство.