„Девојчето во црвеното палто“ од „Шиндлеровата листа“ сега им помага на украинските бегалци

Фото: Инстаграм профил на Оливија Дабровска

Жената која го глумеше „девојчето во црвено палто“ во филмот на Стивен Спилберг „Шиндлеровата листа“ сега им помага на украинските бегалци на полската граница, објави полскиот портал The first News.

Оливија Дабровска, која се прослави на тригодишна возраст откако се појави во легендарниот филм на оскаровецот во 1993 година, напиша на Инстаграм дека води група волонтери кои обезбедуваат помош за бегалците додека пристигнуваат во Корчова.

Објавувајќи слика на 13 март на која е облечена во флуоресцентен елек  32-годишната Дабровска рече: „Денес Русија го бомбардира Јаворив. На само 20 километри од Полска. Толку блиску! Се плашам, но тоа само ме мотивира повеќе да им помагам на бегалците.“

„Не очекувам ништо за возврат и никој од нашата група волонтери не сака да чуе за благодарност, ние само си ја работиме нашата работа. На луѓето им треба помош и ние им помагаме, навистина се грижам за секој еден човек на границата. Најдов домови за десет семејства, исто така… Не можам да избројам колку транспорти за бегалците од границата до Краков… и други места во Полска“, рече таа влкучувајќи се во живо на Инстаграм следниот ден.

„Ќе направам сè што можам, никогаш нема да ги заборавам овие луѓе, тие лица, тие очи, никогаш нема да го заборавам она што го видов. Не можете да се подготвите за тоа, можете само да замислите дека ќе има луѓе кои страдаат, деца, стари луѓе, болни“, додаде Дабровска.

Долги години, Дабровска, која сега работи како писателка во Краков, ја чуваше во тајност улогата во филмот и им рекла на родителите да не кажуваат никому.

Кога на училиште се прочула веста дека таа е девојчето во црвено палто, таа рече дека тоа „ѝ го уништило животот“.

Дури години подоцна сфатила дека учествувала во нешто навистина важно.

„Шиндлеровата листа“ освои 7 Оскари и заработи 320 милиони долари на кино благајните.

Сега таа вели дека се инспирирала од филмот кој сведочи за спсувањето над 1.200 Евреи од нацистичките концентрациони логори и им помага на оние кои бегаат од Украина која е разурната од војна.

Објавувајќи на социјалните мрежи, таа рече дека основала добротворна организација на Инстаграм за помош наречена #HopeForUkraine и вели дека наскоро ќе отвори сметка на страницата за собирање средства zrzutka.pl за собирање донации.