Детето што заболе од морбили немало примено МРП вакцина

Детето живее во седумчлено семејство, двајца родители и 5 деца. Во однос на вакциналниот статус на семејството, 3 деца се вакцинирани со 2 дози МРП вакцина, две деца не се вакцинирани. Семејството престојувало во Нови Пазар, Србија

-

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира за втор случај на морбили во земјава, кај 12 годишно дет од село Долно Коњаре, општина Петровец. Според клиничките податоци, првичните симптоми кај пациентот започнале на 30 август со ситно црвен исип најпрво на лицето, а потоа и на градите и грбот, покачена температура, секрет од носот, конјуктивит, кашлица и повраќање.

На 2 септември детето е прегледано од матичен лекар и поради сомнение за мали сипаници е препратено на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Заболеното лице е на домашно лекување откако одбило хоспитализација.

„Детето е невакцинирано со МРП вакцина. Живее во седумчлено семејство, двајца родители и 5 деца. Во однос на вакциналниот статус на семејството, 3 деца се вакцинирани со 2 дози МРП вакцина, две деца не се вакцинирани, а родителите се уредно вакцинирани согласно возраста. Семејството престојувало во Нови Пазар, Србија од 10 август до 24 август. Патувале со сопствено возило. Во Нови Пазар, дете на шест годишна возраст било со дијагностицирани мали сипаници за време на нивниот престој. По враќањето од Нови Пазар, немал контакт со останатите членови од другите три семејства кои живеат во ограден заеднички двор и не посетувало училиште“, информира ИЈЗ.

Во Р.С. Македонија, во текот на 2024 година, пријавени се вкупно 2 лабораториски потврдени случаи на мали сипаници.

Првиот случај на морбили, регистриран во месец јуни 2024 година, кај жител на с. Лабуништа, Струга. За споредба, во 2023 година во Република Северна Македонија пријавен беше еден случај на заболување од мали сипаници. Во десетгодишниот период од 2014-2023 година, регистрирани се вкупно 2.020 заболени од ова заболување. Епидемии се регистрирани во 2014, 2017, 2018 и 2019 година.

Последната регистрирана епидемија на ова заболување во Република Северна Македонија започна во 2018 година, а беше одјавена во 2019 со вкупено 1.901 регистрирано лице, во 24 градови во републиката.

Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со 2 дози на МРП вакцина. Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на 6 годишна возраст.

Во РСМ опфатот со првата доза на МРП во 2023 година на национално ниво изнесува 73,4%, а во Скопје е 83,7%. Опфатот се ревакцинација на национално ниво во 2023 година изнесува 87,7%, а во Скопје е 85,9%.

Примарната вакцинација со МРП вакцина во 2023 година, бележи намалување во однос на просекот на опфатот регистриран во изминатите 5 години (74,4% на национално ниво), додека ревакцинацијата во 2023 година бележи зголемување во однос на просекот (85,1% на национално ниво).

Малите сипаници се многу заразна болест предизвикана од вирус. Болеста лесно се шири кога заразено лице дише, кашла или кива. Може да предизвика тешка болест, компликации, па дури и смрт. Од малите сипаници можат да заболат сите, но најчесто се јавува кај децата. Малите сипаници го инфицираат респираторниот тракт, а потоа се шират низ телото. Симптомите на мали сипаници обично започнуваат 10-14 дена по изложувањето на вирусот. Исипот е најкарактеристичен симптом. Раните симптоми обично траат 4-7 дена. Тие вклучуваат течење на носот, кашлица, црвени и насолзени очи (конјуктивитис), мали бели дамки во внатрешноста на образите.

Исипот започнува околу 7-18 дена по изложувањето, обично на лицето и горниот дел на вратот. Се шири во текот на околу 3 дена, на крајот на рацете и нозете. Обично трае 5-6 дена пред да избледи. Повеќето смртни случаи од мали сипаници се од компликации поврзани со болеста.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентското собрание на УКИМ со реакција за зголемените трошоци: Образованието мора да остане достапно за сите

Како Универзитетско студентско собрание, ги разбираме предизвиците со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во справувањето со трошоците. Меѓутоа, сметаме дека најголемиот дел од овие финансиски...