fbpx

Дебата: Штом се менуваат владејачките структури, и судиите се вртат како марионетки

Настанот „Како до независно судство?“ го организираше Институтот за демократија, а се дискутираше за работата на Судскиот совет и реформите во правосудството

-

Отсуствува темелност, дисциплина и постојаност во примена на решенијата и механизмите за реформи во правосудството. Врз одлуките на судиите влијаат нивните колеги, надредените, како и членовите на Судскиот совет, политичарите и бизнис елитите.

Ова е заклучокот од настанот „Како до независно судство?“, којшто Институт за демократија денеска го организираше и на кој се дискутираше за работата на Судскиот совет и реформите во правосудството.

Воведно обраќање на настанот имаше Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС кој рече дека треба да се отвори дискусија и да се засили во јавноста притисокот врз правосудството односно судството, а поттикнато од две скорешни состојби – работата на Судскиот совет и објавувањето на проценката на ризици од корупција на ОБСЕ, што укажува на сериозни ризици од корупција во судската работа.

„Резултатите од истражувањето покажуваат дека постојат две групи кои влијаат врз работата на судиите. Првата група се колегите на судиите, во хоризонтала и непосредно надредените судии. Втората група се политичарите, Судскиот совет и бизнис елитите“, вели Поповиќ.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, вели дека и самите судии не му веруваат на системот.

„Истото се повторува веќе 30 години. Иако се вложува во судството, се унапредуваат условите во кои што работат, имаат АКМИС систем, се унапредуваат постапките, методологијата, дојдени сме во ситуација самите судии да не веруваат во системот“, рече Пировска.

„Вкоренет е впечатокот дека во суд можеш да доживееш правда само ако имаш соодветна политичка врска или пари. Некогаш и не мора да им се приближи или јави политичар за да постапуваат на одреден начин. Тие штом се смени владејачката структура се вртат како марионетки и постапуваат во насоката во која што сметаат дека е посакувана“, смета Пировска.

Според неа, од тој менталитет можеме да се ослободиме ако се избориме да ги нема дилемите како на пример „што со членовите на Судски совет кои треба да се предмет на постапка“.

„Судскиот совет има нелегитимен претседател, тој орган продолжува да постапува нелегитимно, дрско и безобразно и сите молчат. Тие не чувствуваат одговорност кон јавноста, седниците кои што ги одржуваат се фарса. Кој ќе нè спаси од идните именувања на судии кои што очигледно имаат товар за несоодветно и нечесно постапување и се поврзани со политички структури? Можеби треба да размислиме и во насока на тоа да има посебна комисија која ќе одлучува за претставките покренати за членовите на Судскиот совет“, додаде Пировска.

Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека за да најдеме некое решение прво треба да имаме соодветна, таканаречена дијагноза.

„Една од причините зошто голем дел од реформите во правосудството се покажани како неуспешни е отсуството на тоа кои фактори треба да бидат адресирани а потоа и на тоа кои би биле најсоодветните мерки кои треба да се преземат за да има соодветни резултати. Ако ги погледнеме истражувањата од невладиниот сектор неколку години наназад, всушност ние имаме проблем со отсуството на темелност, дисциплина и постојаност во примена на решенијата и механизмите кои што во суштина ги имаме“, вели Аврамовски.

Според него, мора да се најдат начини како да се најдат вистинските луѓе кои што ќе бидат во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека мора да почнат да се решаваат работите од коренот.

„Меѓутоа тоа не значи дека треба да се сконцентрираме исклучиво на работата на советите. Мора да најдеме начин како судиите и обвинителите да земат суштинско учество во ваквите реформски процеси“, додаде тој.

Настанот беше организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“, поддржан од Националниот фонд за демократија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...