Кандидатот за петти член на ад хок телото за надзор на медиумите, Даут Даути, се повлече од трката за ова место. До Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги тој испратил допис во кој соопштува дека ја повлекува кандидатурата за член во ад хок телото.
„Сакам да ви се заблагодарам за довербата што сте ја искажале кон мојата „кандидатура“ со изборот во најтесниот круг од двајца кандидати за член на Комисијата за медиумско претставување. Се јавив на јавниот повик од лична мотивација и амбиција да придонесам овој сегмент од решавањето на политичката криза, сепак, да биде спроведен објективно, сметајќи ја улогата на петтиот член, како и своите професионални квалитети и лични определби и критериуми кои се познати на јавноста преку моите текстови, како многу битна во надминување на објективната поделеност меѓу власта и опозицијата. Бидејќи пат-позицијата е поради самото персонално решение кој ќе го води ад-хок телото, а јас сум еден од двајцата сега веќе спорни кандидатури, јас ве молам мојата кандидатура да ја сметате за непостоечка за таа да не стане пречка за комплетирање на ад хок телото, како и за да не го задржи во заложништво целиот политички процес и да биде пречка за носење одлука за одржување на договорени предвремени избори“, пишува во дописот на Даути.
Неговиот повлекување го поздрави опозицискиот СДСМ. Од партијата ги повикуваат досегашните членови на ад хок телото што поскоро да го комплетираат телото за да можат да почнат со работа.
„Го поздравуваме повлекувањето на Даут Даути од кандидатурата за петти член на ад хок телото за надзор на медиуми за време на избори. Со тоа, веќе не постои пречка четворицата избрани членови да го изберат единствениот преостанат кандидат и да го комплетираат составот на телото“, пишува во соопштението на СДСМ.