Да се воведе државна награда „Блаже Конески“

Секретарот Атанас Конески нагласи дека изучувањето на делото на Конески и на македонскиот јазик, се поттикнува и оформува од најмала возраст

Извор: Фејсбук

Културно-едукативниот центар „Небрегово“ бара да се воведе државна награда „Блаже Конески“, како и стипендија за талентираните ученици и студенти за изучување на делото на великанот Конески и на македонскиот јазик. Денеска пред родната куќа на Конески во Небрегово, по повод Денот на македонскиот јазик, ученици од прилепското основно училиште кое го носи името на кодификаторот на македонскиот современ јазик, поет, писател и академик Конески, твореа ликовни и поетски творби инспирирани од Конески, како дел од проектот „Хепенинг“ на прилепскиот Завод и музеј“.

Секретарот Атанас Конески нагласи дека изучувањето на делото на Конески и на македонскиот јазик, се поттикнува и оформува од најмала возраст.

„Уште на 100 годишнината од раѓањето на Конески побаравме да се именува улица на Конески во Скопје, собранието да донесе и да се утврди годишна награда „Блаже Конески“ и да се заведе стипендија за талентираните ученици и студенти кои ќе ги изучуваат епохалното дело на Конески, а и македонскиот јазик. Денешниов настан, овде пред родната куќа на Блаже Конески во Небрегово е уште еден показ и доказ дека само практичната употреба, практичното говорење го потврдува почитувањето на епохалното дело на Блаже Конески и е доказ како треба да се негува, да се употребува, да се користи македонскиот јазик“, рече Конески.