fbpx

Државниот врв со честитки за одбележувањето на Денот на македонскиот јазик

Македонскиот претседател укажува дека неопходно е да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор

-

На 5 мај се одбележува Денот на македонскиот јазик, а по тој повод честитки упати македонскиот државен врв.

Претседателот Стево Пендаровски денеска испрати порака дека македонскиот јазик е заштитник на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, ден кога ја славиме нашата посебност. Пендаровски вели дека македонскиот јазик е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост.

„Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција е семето на македонската држава и порив кој не води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации“, стои во пораката на Пендаровски.

Македонскиот претседател укажува дека во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, неопходно е да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор.

Премиерот Димитар Ковачевски упати телеграми со честитки по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како и до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Владата на Република Северна Македонија во 2019 година, овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик во чест на 5 мај 1945 година кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

„Македонскиот јазик денес е познат и признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство. За прв пат, со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, неговиот статус како рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија е неприкосновен“, вели премиерот Ковачевски во честитката упатена до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Тој потенцира дека како надополнување на досегашните активности, Владата на Република Северна Македонија иницира донесување на нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и востановување на нова државна награда за оддавање признание на високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, која што се предлага да го носи името на нашиот великан Блаже Конески.

Во честитката до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, премиерот Ковачевски вели:

„Заедно со Вас, дадовме поддршка на активностите за континуирана афирмација на македонскиот јазик преку реализација на интернет-платформата makedonski.gov.mk, на која е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“. Толковниот речник се надоврза на претходната иницијатива на Владата кога беше дигитализиран и Правописот на македонски јазик, а ја поддржавме и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, каде после повеќе од 20 години овозможивме вработување на 17 млади луѓе, со што ја докажуваме грижата за македонскиот јазик на дело“, истакна премиерот Ковачевски во честитката до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...