Да се исчисти ѓубрето во Маврово, за мечките да не се симнуваат во селата

Навремено да се чисти сметот, да се затворат со метална ограда сите места за одлагање на комунален отпад и да се обезбеди контрола на сите објекти во кои се чува храна кои можат да бидат лесно достапни и се во близина на објекти за домување, предлага МЖСПП, по вчерашното барање да се прогласи кризна состојба во Маврово и Ростуше

Image by Mattias Geigenberger from Pixabay

Да се отстранат сите ѓубришта и диви депонии околу населените места и локалните патишта, навремено да се чисти сметот, да се затворат со метална ограда сите места за одлагање на комунален отпад и да се обезбеди контрола на сите објекти во кои се чува храна кои можат да бидат лесно достапни и се во близина на објекти за домување.

Ова се дел од превентивните мерки кои ги предлага Министерството за животна средина како решение за почестото присуство на мечки во населените места во Општината Маврово и Ростуше и Националниот парк „Маврово“.

По вчерашното барање Советот на Маврово и Ростуше да организира вонредна седница на која ќе се бара прогласување на кризна состојба на територијата на општината заради стравот на населението од појавата на мечки во селата, Министерството информираше дека е во комуникација со управата на Националниот парк, која е надлежна за управување со заштитеното подрачје.

Од таму велат дека, покрај мерките за ѓубрето, треба да се направат и посебни хранилишта за мечките надвор од населените места, а жителите да го обезбедат имотот, особено на местата каде чуваат добиток и пчели со ограда со електричен напон и да употребуваат превентивни средства како петарди за заплашување на мечките.

Се предлага и мерка за успивање и дислоцирање на мечките, која треба да се реализира во соработка со државни органи и научни институции.

Кафеавата мечка согласно Законот за ловство е вид за кој е пропишана трајна забрана за ловење. Сепак, јавноста беше сведок на грозоморен чин, кога пред еден месец, мечка со две мали мечиња беа убиени и фрлени на депонија на влезот во селото Жировница. Стравувањата се дека ваквите случаи можат да станат сè почести, особено по барањата за прогласување кризна состојба.

„Дојдете и ќе видите што се случува. На жена од Жировница мечка ѝ влезе дома, жената е сега во болница, затоа што се преплашила. Сите живееме како во карантин, иако во 90 отсто од случаите знаеме дека мечката ќе избега, но сепак, стравот е преголем. Речиси секој ден има пријави дека на некого му влегла мечка во дворот, му ја турнала кантата за отпадоци, го растуриле ѓубрето“, изјави за Мета.мк жител на Ростуше кој присуствувал на вчерашниот состанок.

Тој вели дека проблемот настанал од неколку причини. Прво, затоа што во земјава не се врши пребројување и со тоа и контрола на единките, а друга причина е што има сè посушни периоди и мечките немаат храна, па се симнуваат во населените места.

„И ние не сакаме да се врши отстрел на мечките, но еве, направете споредба со Хрватска, таму е дозволен отстрел до 150 единки на годишно ниво и на тој начин се врши контрола на популацијата“, вели нашиот соговорник.

Директорот на НП „Маврово“, Самир Ајдини денеска за Мета.мк повторно нагласи дека нивните барања, за кои се согласиле сите присутни на вчерашниот состанок инициран од оваа установа, остануваат исти. Тие предлагаат да се свика вонредна седница на Советот на општина Маврово и Ростуше, на која би се разгледувала законската можност за предлагање кризна состојба до Центарот за управување со кризи и Владата на цела територија на општината и која во 95 отсто се поклопува со територијата на Националниот парк Маврово.

Исто така, тој ги нагласи и измените и дополнувањата на Законот за ловство со кој ќе се поедностави процедурата за регулирање на состојбата на мечката и ќе се поедностави постапката за надомест на штета која е причинета од трајно заштитен дивеч, за кои се очекува да стапат на сила за период од еден до два месеци.

Екологистите и експертите на оваа тема што ги консултираше Мета.мк се децидни дека отстрелот на мечката може да биде крајно нужно решение, единствено ако сите останати мерки не дадат резултат.

Мечките се витален дел од природните екосистеми на националните паркови и другите диви места. Тие се сметаат за инженери на екосистемот, што значи дека имаат способност да ја модифицираат својата околина. Преку нивните навики за потрага по храна, мечките шират растителни семиња и бобинки. Со оглед на тоа што јадат риба, преку влечењето на трупови од лосос низ шумата, тие помагаат да се збогати почвата. Дополнително, мечките се предатори по природа, така што тие помагаат да се одржи рамнотежата на екосистемот со намалување на популацијата на одредени видови животни.

Активностите за управување со мечки се движат од заштита на дивиот свет до обновување на живеалиштат и истражувања за нивно зачувување. Одлуките за тоа како да се управува со овој вид бара знаење за многу аспекти на биологијата, однесувањето и движењето на мечките.

Научниците од Службата за национални паркови и соработувачките федерални и државни агенции и академски институции постојано собираат и анализираат податоци за мечките за да помогнат во нивното зачувување и управување.

 

Пишуваат: Сања Наумовска и Мери Јордановска