fbpx

Д-р Димитров: ПАП тестот е историја, жените треба да прават ХПВ тест

Една пациентка со цервикален карцином ја чини државата 200 илјади евра со сите третмани, отуства од работа, хемотерапи и жената никогаш не го враќа својот квалитет на живот како претходно. А со превентивата, ако доаѓаат на редовни прегледи може да заштедат многу пари. Затоа во фокусот ни е да влијаеме на превентивата, вели д-р Глигор Тофоски

-

Во системот МојТермин треба да има слободни места за жени со гинеколошки болести кои не може да чекаат. Жените треба да прават ХПВ (хуман папилома вирус) тест, а не ПАП (папаниколау) тест бидејќи тој е веќе историја. Жените треба да прават редовни прегледи на гинеколог за да се откриваат болестите во рана фаза.

Ова се заклучоците од денешната прес-конференција кои ги истакна проф. д-р Горан Димитров, во организација Македонската асоцијација на гинеколози и акушери (МАГО), по повод Неделата на женското здравје 2024 година. На конференцијата, освен него зборуваа и проф. д-р Глигор Тофоски, претседателот на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), д-р Ламбе Крстески, матичен гинеколог во Шуто Оризари, како и Марија Башеска Стојановска, новинарка-толкувач на знаковен јазик во МРТВ и претставничка од заедницата на лицата со попреченост.

„Нашиот предлог е да се направи во МојТермин да има секогаш слободни места обеележани со сина боја, кои ќе ги искористат пациентки со одредени гинеколошки болести кои не може да чекаат. Кога зборуваме за ракот на грлото на матката, од 2016 година е ставено до знаење од научната јавност дека ПАП тестот е веќе во историјата. Сите жени треба да прават ХПВ тест. Се случува да ни доаѓаат жени кои имаат негативен ПАП, а имаат ХПВ. И трето, има типови на рак кои со редовни прегледи и биохемиски параметри можат да се откријат во порана фаза, а тоа е поентата, да се „фатат“ болестите во порана форма. Сите овие работи се лесно остварливи“, вели Димитров.

Д-р Глигор Тофоски кажа дека многу жени доаѓаат на превентивни прегледи.

„Имаше и зголемен број на интервенции кои во порана фаза ги откриваме и со помала интервенција ги решававме. Една пациентка со цервикален карцином ја чини државата 200 илјади евра со сите третмани, отуства од работа, хемотерапи и жената никогаш не го враќа својот квалитет на живот како претходно. А со превентивата, ако доаѓаат на редовни прегледи може да заштедат многу пари. Затоа во фокусот ни е да влијаеме на превентивата, да се преземат што повеќе мерки да им се овозможи на сите жени да добијат основно здравствено осигурување за да можат да остваруваат редовни прегледи на гинеколог“, рече Тофоски.

Тој додаде дека со ХПВ вакцинацијата која веќе влезе во редовниот качлендар за вакцинација за девојчиња и за момчиња, за 10 години, опсегот на сериозните гинеколошки болести поврзани со ХПВ, ќе се намали за 90 отсто.

Согласно податоците од Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување, во Шуто Оризари има 2.500 жени кои се здравствено осигурани, но немаат одбрано матичен гинеколог, како и околу 1.000 жени кои не се осигирани и немаат матичен гинеколог. Согласно законските регулативи во Р. С. Македонија, секој поединец без разлика на работниот статус може здравствено да се осигура и со тоа да се стекне со правото на бесплатни здравствени услуги.

Централниот фокус на Неделата на женското здравје 2024 е меѓународниот симпозиум „Здравјето во фокусот на жената“, наменет за специјалисти и специјализанти по гинекологија и акушерство. Овој симпозиум, со интернационален карактер ќе се одржува до 19 мај, а ќе собере голем број на експерти за да се осврнат на актуелните прашања за здравјето на жените. Свеченото отворање е денеска од 18 часот. Во текот на целиот симпозиум, учесниците ќе се вклучат во дискусии и презентации кои покриваат широк спектар на теми, вклучувајќи ХПВ вакцина, вакцинација во бременост, улогата на обезитетот во бременоста, а ќе има и презентација на стандардната оперативна процедура на центрите за жртви од сексуално насилство.

„Симпозиумот ќе ги унапреди знаењата и вештините на здравствените работници и ќе ја подигне свеста кај популацијата за клучните аспекти на здравјето на жените“, велат во МАГО.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Менталното здравје и креативните професии: Невидливата борба зад творењето

Во светот на креативните професионалци, процесот на оживување на идеите често е спој на страста и упорноста - патување исполнето со триумфи и искушенија. Чинот на творење е проследен...