Непланираната тинејџерска бременост кај нас е три пати повисока од просекот на ЕУ

Двете асоцијации, ХЕРА и МАГО, утре ќе го одбележат Светскиот ден на контрацепција и Светскиот ден на безбеден абортус и ќе излезат со свои барања до институциите во однос на заштитата на женското здравје

Photo by MART PRODUCTION: https://www.pexels.com/photo/photo-of-person-using-ultrasound-scan-7088491/

Околу 36 проценти од момчињата и 3 проценти од девојчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство. Заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20 отсто од девојчињата и 62 отсто од момчињата меѓу албанското население и кај 64 отсто од момчињата и 52 отсто од девојчињата меѓу македонското население. Како последица, стапката на непланирана тинејџерска бременост е речиси три пати повисока од просекот на Европската Унија.

Ова го покажуваат податоците кои ги обезбедиле Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, кои утре ќе го одбележат Светскиот ден на контрацепција и Светскиот ден на безбеден абортус. Тие ќе излезат и со свои барања во однос на заштитата на женското здравје.

Од двете асоцијации тврдат дека и покрај алармантните податоци, ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови.

„Од друга страна, иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари, годинава бесплатна контрацепција добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК)“, се вели во соопштението на МАГО и на ХЕРА.

Кога станува збор за безбедниот абортус, во текот на 2022 и 2023 година, двете асоцијации обучиле 100 гинеколози за примена на медикаментозниот абортус (абортус со лекови) кој претставува многу поедноставна процедура за прекин на бременоста за разлика од хируршкиот, поради што со лекови се изведуваат дури 80 отсто од абортусите во Европа.

„И покрај тоа што и кај нас медикаментозниот абортус многу повеќе се бара отколку хируршкиот, пристапот до оваа здравствена услуга е отежнат бидејќи овие лекови не се регистрирани во земјата, па УГАК ги набавува единствено преку интервентен увоз. Овој процес може да трае долго поради тоа што мора да биде во согласност со планот за јавни набавки кој, пак, подразбира низа административни процедури. Ова, пак, ја доведува во прашање достапноста на медикаментозниот абортус кој може да се спроведе само до 12-та недела од бременоста“, вели Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.

Од државата се бара проширување на позитивната листа на лекови со најмалку едно модерно контрацептивно средство, годишно да се зголемува буџетот за бесплатни модерни контрацептивни средства и да изнајде успешен механизам за што е можно повеќе државни болници да добиват соодветни количини со што ќе се обезбеди рамномерен пристап до бесплатна контрацепција за жени од целата земја.