Младите бараат поддршка против насилство и табуа, но не секогаш ја добиваат

Над 90 отсто од младите на возраст од 11 до 15 години и нивните родители не ја добиле потребната поддршка за време на ковид пандемијата. Ова беше потенцирано на вчерашната панел-дискусија „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“

Извор на фотографија: ХЕРА

Aлармантни се податоците за менталното здравје и за општата добросостојба на младите. Над 90 отсто од младите на возраст од 11 до 15 години и нивните родители не ја добиле потребната поддршка за време на ковид пандемијата. Ова беше потенцирано на вчерашната панел-дискусија „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Бирото за развој на образованието организираа (БРО) во Штип.

На вчерашната панел-дискусија учествуваа стручни лица од училишните служби и претставници од релевантните институции за улогата на училиштето и училишните содржини во превенцијата и заштитата од насилството во училиштата и во грижата за менталното здравје на учениците.

„Преку неформалните едукации што ХЕРА ги спроведува, од прва рака знаеме дека младите сакаат отворено да разговараат за сликата за себе и за сопственото тело, за себеприфаќањето, но и за градењето здрави пријателски и интимни врски. Зарем ова не е важно за нивното ментално здравје?“, изјави Румена Ѓердовска-Којчески, претседателка на ХЕРА.

Повикувајќи се на своето долгогодишно искуство како психолог во скопското државно средно училиште „Никола Карев“, Гордана Блажевска-Спиридонова подвлече дека учениците се соочуваат со недостиг на точни и навремени информации, но и на сервиси без кои не можат да се грижат за своето здравје.

„Кога ученик ќе се пожали на врсничко насилство, многу е важно како ние возрасните ќе постапиме и каква порака ќе испратиме до младите. Ако сакаме училишната средина да биде безбедна, тогаш поддршката мора да биде системска, навремена и лесно достапна“, изјави Блажевска-Спиридонова.

Според студијата „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст“, учениците на возраст меѓу 11 и 15 години, како што растат, така се соочуваат со сѐ поголеми предизвици со менталното здравје, но и со сѐ помала поддршка – и од училиштето и од родителите.

Од друга страна, над 90 отсто од младите и нивните родители не ја добиле потребната поддршка за време на пандемијата, покажува ланското истражување на УНИЦЕФ и на Универзитетската клиника за психијатрија.

„Меѓутоа, во исто време, децата стануваат многу посвесни за важноста на менталното здравје и активно бараат поддршка од нивните училишта. Речиси сите училишта во државата имаат психолог или педагог. Овие се исклучително вредни ресурси и би било мудро да ги искористиме“, изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Државата има должност да се грижи за менталното здравје на сите свои граѓани, вклучително и на децата и младите. Токму затоа мора да осигури и безбедна училишна средина, каде што ќе се промовираат ненасилната комуникација и поддршката за менталното здравје. Неопходно е да се зајакнува отпорноста на учениците кон предрасудите и стигмата, но и да се градат нивните животни вештини и свесноста за грижата за менталното здравје.

Кон ова несомнено може да придонесат образовни програми како сеопфатното сексуално образование, бидејќи, како што посочи Ајше Ајрулаи од Бирото за развој на образованието, преку него младите учат и како да се заштитат од вознемирување на интернет и од сексуално насилство и како да кажат “не” на притисокот од нивните врсници, особено кога е во прашање стапувањето во несакани, но и незаштитени сексуални односи.

Добросостојбата на младите зависи и од пристапот до сервиси за ментално здравје кои ќе бидат скроени по нивна мерка, како и од посебни и инклузивни програми и механизми преку кои основните и средните училишта би ги заштитиле од насилство и дискриминација.