МЖ „Транспорт“ и кинеската компанија „ЦРРЦ Џуџоу“ потпишаа договор за набавка на четири нови електрични локомотиви за обнова на возниот парк. Инвестицијата од осум милиони евра е обезбедена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
– Набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години и доближување до европските и до светските стандарди. Ќе се обезбеди поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги – истакна генералниот директор на МЖ „Транспорт“, Никола Костов, по потпишувањето на договорот.
Набавката на електричните локомотиви е втор проект за обнова на возниот парк, по набавката на шест нови возови.