Четботот на „Гугл“ – Бард од денеска е достапен и во Северна Македонија

Четботот, исто како и ChatGPT, е пример за генеративна вештачка интелигенција која може да одговара на прашања на начин сличен како што би одговорил човек

Photo by Mojahid Mottakin on Unsplash

Четботот со вештачка интелигенција на „Гугл“, наречен Бард денеска беше лансиран во Европа и сега е достапен и за корисниците во Северна Македонија.

Ривалот на ChatGPT денеска официјално дебитираше и во земјите-членки на Европската Унија, откако „Гугл“ ги разреши безбедносните грижи на корисниците што доведоа до тоа ЕУ да го блокира неговото лансирање.

Бард од денеска е достапен на 40 нови јазици, меѓу кои и на српски, хрватски, бугарски и словенски, но сè уште не добил своја верзија на македонски.

Четботот, исто како и ChatGPT, е пример за генеративна вештачка интелигенција која може да одговара на прашања на начин сличен како што би одговорил човек.

Возбудата околу способностите на четботовите поттикна дел од глобалните технолошки фигури да повикаат на запирање на нивниот развој.

„Гугл“ додаде нови функции во Бард кои веќе се применуваат ширум светот, а меѓу нив е и можноста четботот да ги чита своите одговори на глас, но и да нуди одговори преку слики.

Матичната компанија на Гугл – „Алфабет“ за првпат го претстави четботот што се потпира на податоците од Google Search во февруари, кога беше лансиран во САД и Обединетото Кралство.

Лансирањето на Бард во ЕУ беше одложено откако главниот регулатор во блокот – Ирската комисија за заштита на податоците, реагираше дека компанијата не доставила доволно информации за тоа како неговата генеративна алатка за вештачка интелигенција ја штити приватноста на Европејците за да го оправда лансирањето во ЕУ.

Генеративна вештачка интелигенција отсега и на пребарувачот на „Гугл“