fbpx

Честитки од државниот врв по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам

-

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.

„Пред се, Курбан бајрам е празник на солидарноста и негувањето на добрите навики на милосрдието, дарежливоста и човечноста кон ранливите кои имаат насушна потреба од поткрепа. Важноста на празникот најмногу доаѓа до израз токму во периоди на економски предизвици со кои се соочува нашата држава и поголемиот дел од светот. Истовремено, Курбан бајрам е нераздвоен дел од вековниот соживот во македонското мултирелигиско и мултиетничко општество. Празничните денови се можност за продлабочување на взаемното почитување преку запознавање со традициите на различните од нас“, порача претседателот.

Пендаровски смета дека „солидарноста кон ранливите и соживотот на различните во овие празнични денови, но и преку целата година, ќе ни помогнат сплотени да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме на личен и колективен план“.

„Во духот на таа сплотеност, да ја градиме Република Северна Македонија како наш единствен заеднички дом“, се вели во честитката.

Честитка упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој порача дека станува збор за празник на солидарноста и сочувството, простувањето и меѓусебната почит.

„Курбан Бајрам, како празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето, разбирањето и меѓусебната почит помеѓу луѓето, без оглед дали се блиски или далечни, познати или непознати, нека ги облее срцата на сите луѓе и нека ги исполни со радоста што ја носи овој голем ден, Нека биде причина плус за заедничко собирање околу семејната трпеза, за споделување на тоа што го имаме и тоа што го немаме, колку и да е тоа многу или малку, со тие што имаат помалку среќа и благосостојба“, порача Џафери.

Претседателот на Собранието порача дека во време кога „човештвото поминува низ тмурен период на постоење, кога е во прашање безбедноста на животот, економската егзистенција и здравствената благосостојба“ и граѓаните на Република Северна Македонија не се исклучок и затоа треба сите да се обединиме.

„Повторно сме осамени и сами ги биеме нашите интер-персонални и интра-персонални битки. Да не дозволиме барем за суштинските прашања да бидеме сами туку, да се обединиме за надминување на секаква пречка или тешкотија што се појавува пред нас. Да го славиме заедно животот и да ја градиме заедничката иднина. Сите сме неотуѓив дел од ова тло и грижата и чувањето на истото е обврска на сите нас“, порача шефот на македонскиот парламент.

Големиот муслимански празник Курбан Бајрам на сите верници кои го празнуваат го честиташе и премиерот Димитар Ковачевски.

„Денешниот голем муслимански празник Курбан Бајрам нè потсетува на нашата најважна човечка мисија – во духот на трпението, несебичноста и пожртвуваноста да се погрижиме за најблиските и сите оние на кои им е потребна подадена рака и да ги сочуваме великодушноста, сочувството и солидарноста кои сега ни се потребни повеќе од било кога. Величественоста на Курбан Бајрам едновремено нè потсетува дека сите неволји можеме заеднички да ги совладаме како и досега – во духот на вековната традиција на соживот“, порача тој, посакувајќи им на муслиманските верници „празничните денови да ги поминете во духовна радост и верба во подобрите времиња кои заеднички ќе ги славиме во нашата заедничка татковина“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...