fbpx

Бугарија тензично и со измешани чувства кон Русија го одбележува националниот празник 3. Март

-

Во тензична атмосфера и со измешани чувства поради воената агресија на Русија врз Украина, во Бугарија денеска се одбележува националниот празник 3. Март – 144 години од крајот на Руско-турската војна и потпишувањето на Санстефанскиот договор.

Бугарското општество во моментов е силно поделено во однос на тоа какви односи нивната земја треба да гради со Русија. На врвот Шипка, каде што се воделе клучните битки меѓу руската и турската армија, денешното одбележување на празникот помина со исвиркување на премиерот Кирил Петков и претседателот на бугарскиот парламент Никола Минчев, јавува bTV Novinite.

На овој историски локалитет денеска се собраа русофили и припадници на проруската бугарска партија „Препород“, кои со руски знамиња и фотографии од руски воени лица кои учествувале во руско-турската војна ја пречекаа државната делегација составена од Петков и Минчев. „Надвор од НАТО“, „предавници“ и „Русија“, извикуваше собраната толпа на врвот Шипка.

Руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова денеска не дојде со Петков и Минчев на врвот Шипка, туку вчера одделно положи цвеќе на Споменикот на слободата на идентичната локација. Руската амбасада во Софија на својот Фејсбук профил објави и видео од овој чин, коешто наиде на бројни коментари и реакции од дел од бугарските граѓани.

За разлика од „топлиот пречек“ на Кирил Петков и Никола Минчев на врвот Шипка, бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова учествуваа на церемонијата на подигнување на државното знаме пред Споменикот на незнајниот јунак во центарот на Софија, јавува весникот 24 часа.бг. И на оваа локација, денеска не присуствуваше руската амбасадорка во Софија.

По повод одбележувањето на бугарскиот национален празник, претседателот Румен Радев доби честитки од светските лидери за одбележувањето на 3. Март. На Радев му пишаа американскиот претседател Џо Бајден, британската кралица Елизабета, кинескиот претседател Си Џинпин, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, но и рускиот претседател Владимир Путин.

Сепак, оддекот на руските бомби што паѓаат врз украинските градови деновиве допираат и врз руско-бугарските односи. Покрај приклучувањето на санкциите на ЕУ кон Русија поради агресијата врз Украина, Бугарија протера двајца руски дипломати поради шпионажа. Министерството за надворешни работи на Бугарија изјави дека двајцата дипломати имаат рок од 48 часа за да ја напуштат земјата.

Бугарските власти тврдат дека еден од руските дипломати добивал доверливи информации од висок претставник во бугарското Министерство за одбрана од 2016 година, при што дел од бугарските медиуми објавија дека се работи за бугарскиот генерал Валентин Цанков, кој испорачувал тајни на НАТО и ЕУ во Русија.

Дополнителна тензија предизвика руската амбасадорка, Елеонора Митрофанова, која иако било повикана во бугарското МНР поради најновиот шпионски скандал, таа одбила да оди и го испратила нејзиниот заменик.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова упати критики до руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, потенцирајќи дека Митрофанова требало лично да отиде, а не да го испрати својот заменик.

Шпионскиот скандал доаѓа само неколку дена по барањето за оставка на бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев од страна на премиерот Кирил Петков. Бугарскиот премиер изјави дека ниту еден министер нема право на своја политика, особено на Фејсбук, посочувајќи го неговото несогласување со ставот на Јанев да не го користи зборот „војна“ за руските напади врз Украина.

Инаку, бугарското МНР со дополнителна нота протестираше до Руската амбасада во Софија во однос на публикациите на социјалните мрежи од нејзиното дипломатско претставништво против Бугарија и нејзините сојузници, јавува dnevnik.bg. Медиумот посочува дека конкретни постови на Фејсбук не се посочени во нотата, но бугарското МНР инсистирало навредливите текстови да се отстранат, а Руската амбасада во Бугарија да се извини за нив.

Русија на ваквите обвинувања засега не излегла со контра-одговор, но руската новинска агенција ТАСС јави дека официјална Москва ќе преземе одмазничка акција – ќе протера двајца бугарски дипломати. Во меѓувреме, Руската амбасада во Софија на својот Фејсбук профил, идентично како и Руската амбасада во Северна Македонија, објави дека создале свој канал на Телеграм, којшто ќе бил „сигурен и удобен извор на информации“ од нивните амбасади.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува...