Бројот на запишани студенти се намалил за 3,6 отсто во однос на 2018 година

Фото: Арбнора Мемети

Вкупно 51.734 студенти се запишале на високообразовните институции во државата во академската 2019/2020 година, што претставува намалување за 3,6 отсто во однос на претходната академска година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Најголем број студенти, 85,3 отсто се запишани на државните високообразовни установи, додека 14 отсто се запишани на приватните. Од вкупно запишаните, 57 отсто или 29.515 се студентки.

Прва година на студии, во академската 2019/2020 година, запишале 13.701 студент или 26,5 отсто, со што се опфатени и студентите кои по втор, трет и повеќепати запишуваат прва година.

Најмногу студенти го одбрале Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, каде се запишале вкупно 24.102 студенти.

„Мета.мк“ претходно пишуваше дека во последните осум години опаднал бројот на дипломирани студенти на високообразовните институции. Минатата година на високообразовните установи дипломирале вкупно 7.874 студенти што претставува зголемување од 2,2 отсто во споредба со 2018 година. Најмногу од нив, 5.845 дипломирале на државните, наспроти 2.004 студенти на приватните факултети.