Бил Гејтс: Започна ерата на вештачката интелигенција

Гејтс во блогот ја опишува средбата со тимот на „Опен АИ“ која го разви ChatGPT, но и за првата средба со овој чет-бот, кога „со стравопочит“ гледал како технологијата положува испит по биологија на ниво на факултет.

Фото: commons.wikimedia.org

Ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс смета дека развојот на вештачката интелигенција (ВИ) е најважниот технолошки напредок во последните децении. На неговиот блог, Гејтс го нарече развојот на ВИ исто толку фундаментален како создавањето на микропроцесорот, персоналниот компјутер, интернетот и мобилниот телефон.

„Тоа ќе го промени начинот на кој луѓето работат, учат, патуваат, добиваат здравствена заштита и комуницираат едни со други. Цели индустрии ќе се преориентираат околу него. Бизнисите ќе се разликуваат по тоа колку добро го користат“, вели Гејтс во својата блог-објава.

Филантропот пишува дека, покрај тоа што ќе им помага на луѓето да бидат попродуктивни, вештачката интелигенција може да ги намали некои од најлошите нееднаквости во светот, како нееднаквоста во здравството.

„На глобално ниво, најлошата нееднаквост е во здравството: 5 милиони деца на возраст под 5 години умираат секоја година. Тоа е 10 милиони помалку отколку пред две децении, но сепак е шокантно висока бројка. Скоро сите овие деца се родени во сиромашни земји и умираат од причини што може да се спречат, како што се дијареја или маларија. Тешко е да се замисли подобра употреба на вештачка интелигенција отколку спасување животи на деца“, пишува Гејтс.

Гејтс во блогот ја опишува и средбата со тимот на „Опен АИ“ која го разви ChatGPT, но и за средбата со овој чет-бот, кога „со стравопочит“ гледал како технологијата положува испит по биологија на ниво на факултет.

Тимот зад ChatGPT во јануари годинава доби инвестиција од повеќе милијарди долари токму од Мајкрософт, каде што Гејтс сè уште служи како советник.

„Откако го помина тестот, му поставивме ненаучно прашање: „Што му велиш на татко со болно дете?“. Напиша внимателен одговор кој веројатно беше подобар отколку што би дале повеќето од нас во собата. Целото искуство беше зачудувачки“, пишува Гејтс.

Бил Гејтс смета дека го видел најважниот напредок во технологијата уште од „графичкиот кориснички интерфејс“ (Graphical user interface – GUI) – кој претставува визуелен приказ, дозволувајќи им на корисниците на компјутери да комуницираат со слики и икони, наместо со дисплеј што прикажува само текст и бара внесување команди. Неговиот развој доведе до оперативните системи „Виндоус“ и „Мак“ и останува клучен дел од компјутерите.

Гејтс верува дека технологијата за вештачка интелигенција ќе доведе до слични достигнувања. Тој ги повика владите да соработуваат со индустријата за да ги ограничат ризиците и повика на насочен пристап кон технологијата за ВИ во иднина.

„Како што на светот му требаат најпаметните луѓе да се фокусираат на неговите најголеми проблеми, ние ќе треба да го фокусираме најдоброто од ВИ на нејзините најголеми проблеми“, пишува Гејтс.

Гејтс во блогот опишува како вештачката интелигенција може да помогне и во областа на образованието и продуктивноста, а ги опишува и најголемите ризици и предизвици кои ги носи нејзиниот развој.

Инаку, покрај популарноста на ChatGPT, Гугл вчера го лансираше својот чет-бот наречен Бард. Истиот за почеток е достапен само во САД и Обединетото Кралство и тоа за корисници кои имаат над 18 години.