Гугл го лансираше својот чет-бот Бард, но само за лица над 18 години

Базата на „знаење“ на ChatGPT се протега само до 2021 година, па овој чет-бот, на пример, не би можел да одговори на прашања за неодамнешниот земјотрес во Турција и Сирија. Од друга страна, Бард има пристап и до тековните информации.

Фото: Paweł Czerwiński on Unsplash

Гугл вчера го лансираше својот чет-бот наречен Бард, за почеток во Обединетото Кралство и САД, и во моментов е достапен само за одредени корисници на возраст над 18 години.

Станува збор за круцијален момент за компанијата, чија профитабилна услуга за пребарување на Интернет е под ризик да биде надмината од чет-ботовите со вештачка интелигенција (ВИ), и покрај тоа што чет-ботовите во моментов имаат проблеми со точни и корисни одговори и резултати, забележува Гардијан.

Опишувајќи ја услугата како „експеримент“, Џек Кравчик од Гугл рече дека компанијата е „исклучително возбудена“ гледајќи како луѓето го користат производот на начин што ја зголемува нивната креативност.

За разлика од неговиот популарен ривал ChatGPT, Бард има пристап до ажурирани податоци на Интернет, а тука е и копчето „Изгуглај“ (Google it) кое нуди пристап до пребарувачот.

На пример, базата на знаење на ChatGPT се протега само до 2021 година, па овој чет-бот не би можел да одговори на прашања за неодамнешниот земјотрес во Турција и Сирија. Од друга страна, Бард има пристап и до тековните информации.

Покрај ова, Бард ги проверува своите извори како „Википедија“ за да потврди одреден факт, јавува Би-би-си.

Гугл сепак предупреди дека Бард ќе има „ограничувања“ и дека може да споделува дезинформации, но и да покаже пристрасност при одговорите, а тоа го правда со податокот дека чет-ботот учи од информации од реалниот свет, во кои во моментов постоела пристрасност.

Како и неговите ривали, Бард им дозволува на корисниците да поставуваат прашања и барања на англиски јазик и е способен да одговара детално. Од вчера, корисниците во САД и Обединетото Кралство може да се пријават за пристап преку листата на чекање на интернет-страницата на компанијата.

Би-би-си појаснува дека Бард е наследник на претходниот јазичен модел на Гугл наречен Ламда, кој никогаш не беше целосно достапен за јавноста. Ламда привлече големо внимание кога еден од инженерите кои работеа на него тврдеше дека чет-ботот е чувствителен. Гугл ги негираше тврдењата, а инженерот беше отпуштен.

Бард е програмиран да не реагира на навредливи барања и има филтри за да спречи споделување на штетни, незаконски, сексуално експлицитни и лични информации. Сепак, потпретседателката на „Гугл Рисрч“ (Google Research), Зубин Гахрамани рече дека и овие заштитни филтри „повремено ќе пропаѓаат“.

Раководството на Гугл го вклучи алармот поради растечката популарност на четботот ChatGPT