Без повеќе мерни станици нема ефикасни мерки против загадувањето на воздухот

Панорама на Град Скопје, ноември 2021 г. | Фото: Мета.мк

Да се зголеми бројот на мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздухот кои ќе помогнат да се лоцираат загадувачите, апелираат граѓанските активисти во очи на сезоната на високи вредности на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички. Квалитетот на воздухот што го дишиме може да се подобри ако се направи хипер-мрежа на мерни места, кои ќе ни дадат точни податоци каде точно да ги лоцираме изворите на загадување и врз основа на нив спроведеме ефективни мерки.

Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, ДАМСКАВ, има 18 фиксни мониторинг станици, од кои пет се во Скопје. Мрежата на платформата Air Care, пак, освен државните, додава и уште дваесетина мерни локации во главниот град, како и уште петнаесетина низ другите градови со волонтерски, нискобуџетни станици. Иако нивниот број само во Скопје е над триесетина, сепак, според Горјан Јовановски, еко активист и творец на платформата „Мој воздух“, овој број е многу мал, доколку сакаме ефикасно и ефективно да ги лоцираме загадувачите.

„Според мене, секоја населба треба да има најмалку две до три станици распределени на клучни локации, за да се направи хипер-мрежа на сензори. Таквата мрежа многу полесно ќе го следи загадувањето, од неговиот извор до неговото разнесување низ градот. Веќе ќе може да ја затвориме дилемата колку кон енормното аерозагадување придонесуваат домаќинствата, колку автомобилите и колку индустријата“, посочува Јовановски.

Минатата година, Министерството за животна средина отвори нова мониторинг станица во Гевгелија, која засега е и единствена во овој град. Во моментов во тек се и постапки за поставување на уште две нови во Прилеп и Берово, градови каде што досега преку државниот автоматски систен не се следеше состојбата на воздухот. Од министерството велат дека во моментов Државниот мониторинг систем ги задоволува критериумите за минимален број на мониторинг станици за различни параметри во дефинираните зони.

„Целта на државниот мониторинг систем е да се следи квалитетот на воздухот во различни репрезентативни области, односно да има станици од различен тип кои го мерат загадувањето од индустријата, од сообраќајот и урбанaта позадинска станица, во секоја зона и агломерација“, информираат од Министерството и додаваат дека Законот за квалитет на амбиентниот воздух дозволува и општините и Градот Скопје да воспоставуваат локална мрежа за мерење и следење на загадувањето на нивната територија.

Освен мерната локација Лазарополе, чии инструменти се во функција, но поради чести прекини на електричната енергија е исклучена, во моментов од сите други мерни станици и инструменти има податоци за квалитетот на воздухот кои и можат да се видат на веб страната https://air.moepp.gov.mk/. Претходно, повеќе од две години траеше замената и санацијата на мерните станици, кога, со пари од буџетот и повеќе донаторски проекти, беа заменети 62 инструменти и набавени 28 нови, со што сега сите мерни места се опремени со можност за метење на РМ2.5 честичките.

Во меѓувреме, завршија и мерењата во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ кој започна лани во две скопски општини Карпош и Аеродром, за да се утврдат изворите на загадувањето. На овие локации, беа поставени уреди кои 12 месеци собираа примероци од воздухот 24 часа на ден, а во моментов во тек е анализата на податоците во Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Целта е да се изнајдат ефикасни и реални политики и најсоодветни мерки со кои ќе се намалат високите вредности на ПМ 2,5 и ПМ 10 во овие општини.

Од Градот Скопје велат дека во соработка со јавните претпријатија, како и со општините работele на програма за решавање на проблемот со загадувањето во градот. Во неа, велат се проекти за брз, ефикасен и еколошки јавен превоз, чистење на сите диви депонии во градот, повеќе зелени површини и изградба на велосипедски патеки.

Сепак, новата градоначалничка Данела Арсовска, најави укинување на планираниот БРТ систем кој требаше да го намали сообраќајниот метеж во градот како и загадувањето од транспортот. Наместо тоа, Арсовска најави набавка на уште 250 автобуси.