Фото: Фејсбук страница на АВАЈА

Во пресрет на пописот најавен за април годинава, граѓанската иницијатива Аваја ја започнува кампањата „Горди Роми“ која има за цел да го афирмира идентитетот на Ромите, со цел ромската заедница да го искаже својот идентитет гордо, без никакви притисоци и манипулации, како и да ја информира ромската заедница за пописот како процес кој ќе се одвива во периодот кој следува.

„Државата треба да ѝ обезбеди на ромската заедница да биде еднакво застапена во самиот процес на попишување со обезбедување на фер попис без манипулации, согласно законот и со обезбедување фер учество во сите пописни структури од административни членови Роми во пописни реони до инструктори и попишувачи“ рече Елвис Шаќири, претставник на тимот за застапување на Аваја на денешната прес-конференција за претставување на кампањата.

Тој упати порака до другите етнички заедници да придонесат кон фер спроведување на пописот без манипулации на ромското население, а до припадниците на ромската заедница слободно без притисоци да ја искажат својата припадност.

Според Алберт Мемети од Аваја, само со застапеност на Ромите во структурите за спроведување на пописот може да се обезбеди кредибилност и валидност на целиот попис.

„Даваме поддршка за спроведување на пописот на населението и сметаме дека овој попис е од особено значење за ромската заедница бидејќи во нашата држава големината на заедницата дефинира сè, почнувајќи од тоа колку вработувања ќе имаме во јавната администрација па сè до тоа колку буџет за Ромите ќе се оддели“, рече Мемети апелирајќи да се овозможи ромските маала да бидат попишувани од Роми попишувачи.

Според Марија Сулејманова, претставничка на тимот за комуникација, досега ниту еден попис ја нема искажано реалната броја на Роми во нашата држава.

Аваја својата работа ќе ја организира преку кампања на 31 од вкупно 50 пописни региони со цел да ги опфати сите урбани и рурални места каде што живеат Роми, почитувајќи ги сите протоколи за заштита од ковид-19. Голем дел од активностите од кампањата ќе се одвиваат онлајн на социјалните мрежи, а во употреба се става и веб страната на Аваја. Онлајн кампањата ќе вклучи и информативни содржини за значењето на пописот и самиот процес на неговото спроведување.