fbpx

Антикорупциска го оспори пред Уставен суд законот за изградба на автопати на Коридорите 8 и 10д

-

Десетина дена откако помина во Собранието на РСМ и беше потпишан од претседателот на државата, Стево Пендаровски, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ја испрати до Уставниот суд иницијативата за оценување на уставноста на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10д.

За законот, со којшто на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ без јавно наддавање ѝ се даваат на изградба автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп-Битола на Коридорот 10д, согласност во гласањето постигнаа најголемите политички партии, како и претседателот Стево Пендаровски.

Сепак, Антикорупциската комисија за Законот што веќе е објавен во Службен весник, оцени дека е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата.

Од ДКСК образложуваат дека со овој закон се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото, како и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Исто така, Законот е во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот на одредени компании.

Воедно, тие додаваат дека со усвоениот закон се остава простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализмот.

Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на овој закон, велејќи дека консензус за неговото донесување е обезбеден и од власта и од опозицијата.

„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти,“ информираа пред 10-тина дена од Кабинетот на претседателот.

Инаку, македонската влада кон крајот на март годинава го потпиша Меморандумот за разбирање и соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изработка на проектна документација и изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измислена изјава на Фон дер Лајен пласирана како вистинска

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на 15 април 2024 година никаде на изјавила дека во наредните 15 години најверојатно ќе нема проширување на ЕУ. Вакво нешто таа нема изјавено...