Финансиската писменост во земјава е на слично ниво со земјите од регионот на Југоисточна Европа. Кога станува збор за финансиската инклузија, пак, според глобалната база на податоци на Светската банка „Финдекс“, во последните години напредува, но и натаму заостанува зад еврозоната, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во своето обраќање на настанот „Како до финансиска независност кај младите?“ организиран од страна на „Клуб Алпбах Македонија“.
Јазот во финансиската инклузија е особено видлив во поглед на возраста. Па така, кај младите лица на возраст меѓу 15 и 24 години, иако во последните десетина години (2011-2021 година) поседувањето сметка е пораснато на 74 отсто, сепак е далеку под просекот во еврозоната од 90 проценти.
Податоците, рече Ангеловска-Бежоска, покажуваат и дека 46 отсто од младите кај нас имаат дебитна картичка, наспроти 85 отсто во еврозоната. Разлика има и во процентот на млади кои штедат во финансиска инситуција – кај нас е 15 отсто, наспроти 60 отсто во еврозоната.
Во однос на дигиталното плаќање, пак, процентот на млади во еврозоната кои го направиле е 92 отсто, додека кај нас изнесува 60 проценти.
„Од тие причини, Народната банка посветува големо внимание и вложува напори за подобрување на финансиската писменост и инклузија, особено кај младите, имајќи предвид дека само личност со добро финансиско образование може да ги подобри изгледите за постигнување на сопствените финансиски цели, но и да придонесе за економијата во целина. За таа цел се редовните предавања наменети за младата популација кај нас, вклучително и за децата од предучилишна возраст, коишто во последните две години се дури тројно пообемни“, истакна Ангеловска-Бежоска.
Таа рече дека една од лекциите научени од Глобалната финансиска криза во 2008 година е дека соодветната финансиска писменост на населението претставува предуслов и за стабилноста на целиот финансиски систем, бидејќи го намалува ризикот од прекумерно задолжување и неможноста за отплата на обврските кон финансиските институции.
Во обраќањето на гувернерката беше истакнато значењето на координираниот пристап на финансиските институции и воопшто, на сите општествени чинители, во активностите за подигнување на финансиската писменост и инклузија во земјава, како предуслов за финансиска стабилност и економски раст.
Ангеловска-Бежоска кажа дека активностите особено се засилиле во изминативе неколку години преку носењето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија на иницијатива на Народната банка, усвојувањето на Кодексот на добри практики за финансиска едукација и на Основните компетенции на финансиската едукација, како основа при изготвувањето едукативни програми. Гувернерката посочи дека Народната банка секоја година организира предавања за стотици ученици и наставници, а подготвува и едукативни материјали и публикации.