Ниту успеале да ги соберат планираните приходи, ниту успеале во целост да ги реализираат планираните трошења. 2019-та година за општините во земјава беше уште една фискална година во која не се остварија во целост планираните буџети. Лани, според најновите податоци од Министерството за финансии, реализацијата на вкупните приходи на сите општински буџети била во износ од 603,2 милиони евра наместо планираните 734,5 милиони евра, се вели во неделната економска анализа на „Порталб.мк“. На расходната страна вкупните трошења на сите локални власти биле 585,2 милиони евра или 18 милиони евра помалку.

Голем дел од општините во земјава не успеале во општинските каси да ги приберат планираните приходи со Буџетот. Ваквото потфрлување главно се однесува на приходите од данок на доход, данок на имот, данок на добивка, од казни и такси. Кај дел од општините износот на наплатениот во однос на планираниот данок е и по два или три пати помал. Општина Арачиново, на пример, планирала да собере 65.000 евра од данок на имот а собрала двојно помалку, 35.000 евра. Значајно неостварување има и кај приходите од данокот на доход, добивка и капитални добивки, наместо 24.400 евра се собрале 10.700 евра.

Една од поголемите општини Битола планирала вкупни приходи од 33,1 милион евра, а собрала 25 милиони евра. Општина Битола го надминала планот за наплата на приходи од даноци, но има потфрлување кај приходите од такси и дозволи за вршење дејност, од глоби и други такси и надоместоци. И општина Велес, која беше една од најзадолжените во 2019 – та, не успеала да ги оставри планираните приходи, со што годината ја завршила со вкупни приходи од 12,6 милиони евра, при што потфрлување има кај приходите од данок на доход, добивка и капитални добивки и од даноци на специфични услуги, додека надминување на планираните приходи има кај данокот на имот. Повеќе од двојно помалку пари, општина Велес собрала од такси и надоместоци.

Потфрлување кај даночните приходи има и во буџетите на Виница, Дебар, Желино, Липково, Ресен, Сопиште, Студеничани и Штип.

Но, има и општини кои го оствариле, па дури и го надминале, планот за даночните приходи и се сметаат за носечки за локалната власт ако се исклучат трансферите што ги добиваат од централно ниво. Општина Гостивар планирала вкупни приходи во износ од 16,7 милиони евра, а во општинската каса се слеале 16,4 милиони евра, но оваа општина успеала да ги надмине планираните приходни позиции кај данок на доход, на добивка, на капитални добивки и данок на имот, но потфрлување има кај данок од специфични услуги, такси и надоместоци.

Повеќе пари од планираното по основ на даноци се слеале и во општинската каса на Кавадарци чиј вкупен буџет бил со проекција од 16,1 милион евра, а се оствариле приходи во износ од 13 милиони евра. Повеќе даноци од планираното собрале и Македонска Каменца, Валандово, Гевгелија, Охрид, Прилеп, Кичево.

Освен општините, ниту Град Скопје не успеал да го собре планираниот приход во 2019 – та година и да ги потроши планираните средства во истата. Лани, Град Скопје планирал приходи во износ од 106,5 милиони евра, а се собрале 93 милиони евра, со што на приходната страна потфрлување има кај даноци на специфични услуги, такси и дозволи за вршење дејност, други такси и дејности, од продажба на земјиште додека надминување на планираните приходи има кај данокот на имот, а позначајно надминување има кај приходите од продажба на капитални средства.

Во 2019 – та година, вкупните расходи на сите општински буџети, вклучувајќи го и на Град Скопје, се оствариле со 79,6 отсто во однос на планот. Сите општини “воздржано“ ги трошеле дел од парите, но забележително е потфрлувањето на расходите кај ставките за капитални трошења преку вложувања во изградба на објекти. Генерално планираните средства за исплата на плати, надоместоци и придонеси се движат во рамките на планираното, но некои општини го “стегнале ременот“ за трошење на пари за возила и за купување на мебел.

Според официјалните податоци, лани повеќе општини набавиле нови возила, а дел од возниот парк беше и за потребите на локалните јавни претпријатија. Така, според податоците расходи за нови возила пријавиле општина Берово која потрошила 24.400 евра, Битола потрошила само 16.000 евра, а планирала цели 1,4 милиони евра,  општина Василево потрошила 7.700 евра, општина Гостивар 57.700 евра, Дебар 27.000 евра, во Делчево се потрошиле 16.200 евра, Демир Капија 259.000 евра потрошила за набавка на возила, Кичево 33.500 евра, Куманово потрошила 15.300 евра, општина Охрид 523.000 евра, Прилеп 10.000 евра,Радовиш 37.000 евра, Штип 35.100 евра, општина Бутел потрошила скоро 120.000 евра, Карпош 15.000 евра, Кисела Вода скоро 18.000,  општина Сарај скоро 51.000 евра, Чаир 15.600 евра, а општина Центар 13.000 евра.

Општините Боговиње, Босилово, Дебарца, Липково, Тетово, планирале буџет за нови возила, но не го реализирале овој трошок.

Велес, Виница, Врапчиште, Гевгелија, Градско, Дојран, Илинден, Кавадарци, Кочани, Кратово, Струга, Теарце, Аеродром, и други воопшто не планирале и не потрошиле буџетски средства за набавка на возила.

Град Скопје во 2019 – та година речиси целосно го исполнил планот за расходи за набавка на возила, за што од градскиот буџет биле потрошени 1,3 милиони евра. Од минатата година со ново законско решение Владата им дозволи на општинските власти поголем лимит за зголемување на буџетот во однос на претходните години, поместувајќи ја границата од 10 отсто на 30 отсто.

Ова решение дојде откако централната власт со десетици милиони евра реши да ги пополни финансиските дупки на општините настанати во изминатите години поради повеќе фактори, меѓу кои децентрализацијата, но и недомаќинското и нетранспарентно трошење на парите на граѓаните на локално ниво.