Сѐ што значи државен сектор, на централно и на локално ниво, преку сите институции и сектори, лани по сите основи пријавил доспеани, а неплатени обврски во износ од речиси 272 милиони евра, пишува „Порталб“. Во последниот квартал во однос на третиот во 2019 – та е забелeжaно намалување на долгот за седум милиони евра. „Порталб“ веќе ја анализираше должничката позиција на државниот сектор во годината што измина, а сега како продолжение ги објавува и финалните и официјални податоци од Министерството за финансии за состојбата на крајот од 2019  година.

Најголеми долгови за сметки, надоместоци, греење…

Увидот во податоците за видот и структурата на долговите што ги имаат институциите на централно и локално ниво покажува дека најмногу се должи по основ на неплатени сметки за комуналии, струја, греење, вода, транспорт и комуникации. На крајот на 2019 – та, по овој основ е пријавен долг од 48,5 милиони евра. За материјали и ситен инвентар доспеаните, а неплатени сметки биле со износ од 30 милиони евра. Поголема сума на долг е генерирана по основ на “други градежни работи“ со износ од 25 милиони евра и уште 2,2 милиони евра неплатени обврски за извршени градежни работи.

Една од најголемите должнички ставки се “други тековни расходи“ во кои, како што веќе објави „Порталб“, влегуваат стари обврски кои се “влечат“ со децении, но и нови обврски кои не се опфатени со другите ставки. На крајот од 2019 – та, по основ на други тековни расходи, долгот изнесувал 51,2 милиони евра, a на крајот од 2018 година по овој основ долгот бил 45,0 милиони евра, а раст има и во однос на состојбата во третиот квартал од 2019 година.

Анализата покажува дека од вкупниот износ на пријавени доспеани, а неплатени обврски, скоро половина отпаѓаат на долгови кон јавниот сектор. Имено, се работи за долгови и обврски меѓу самите институции, јавни претпријатија, агенции, и други државни тела на локално и централно ниво. Конкретно, долговите кон јавниот сектор изнесуваат 130 милиони евра, следуваат доспеаните, а неплатени обврски кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации во износ од 117,7 милиони евра, пријавените доспеани обврски кон странство изнесуваат 22,3 милиони евра, а обврските кон физички лица на крајот од 2019 година изнесувале 1,5 милиони евра.

Во споредба со состојбата на крајот од 2018 година, намалени се долговите кон јавниот сектор, обврските кон странство, а позначајно се намалени доспеаните а неплатени обврски кон приватниот сектор, додека зголемување на долгот има кон физички лица.

Општините и здравството со најголеми долгови 

И во новата листа на Министерството за финансии, според видот на субјектите – должници повторно доминираат доспеаните, а неплатени обврски на општините, здравството и локалните претпријатија основани од општините.

Така, на крајот од 2019 – та, доспеаниот, а неплатен долг на општините изнесувал 53,7 милиони евра, на јавните здравствени установи 44,3 милиони евра, а на локалните претпријатија основани од општини, доспеаните долгови биле на ниво од 58,5 милиони евра.

„Порталб“ веќе ги анализираше буџетските приходи и расходи на општините, а дел од нив се најдоа и на новата должничка листа. Конкретно, општина Охрид има доспеани, а неплатени обврски од 7,3 милиони евра, општина Тетово 7,2 милиони евра, следна е општина Карпош со обврски во износ од 5 милиони евра, по неа е општина Струга со 3,1 милион евра, општина Сарај – 1,6 милиони евра, општина Дебар со долг од 1,4 милиони евра, општина Студеничани со доспеани, а неплатени обврски во износ од 1,2 милиони евра.

Од здравствените институции, Градска општа болница „8-ми Септември“ има доспеани, а неплатени обврски од 4,6 милиони евра, Клиника по хируршки болести “Св. Наум Охридски” – Скопје со 2,6 милиони евра, Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле со обврски во износ од 2,3 милиони евра, следна е ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија со 2,1 милион евра, по неа е ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија со доспеани, а неплатени обврски во износ од 1,7 милион евра.

Според висината на доспеаните, а неплатени обврски високо котираат и јавните претпријатија, особено оние формирани на локално ниво. Убедливото прво место, со долг од 10,8 милиони евра го држи ЈП „Македонски Железници – инфраструктура“ – Скопје. На должничката листа се и: ЈП „Колекторски систем“ – Скопје, ЈП „Водовод“ Куманово, JП „МРТ“ – Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Јавно комунално претпријатие – Тетово.