Активистички говори, млади бендови и креативни работилници на „ENGAGE 2023“

Младински образовен форум и Радио МОФ го организираат дванаесеттото издание на Настанот за социјален активизам ENGAGE, кој ќе се одржи на 9 јуни, в петок, во Младински културен центар (МКЦ), со почеток во 13:00 часот

Фото: Младински образовен форум

Младински образовен форум и Радио МОФ го организираат дванаесеттото издание на Настанот за социјален активизам ENGAGE, кој ќе се одржи в петок, на 9 јуни, во Младински културен центар (МКЦ), со почеток во 13 часот.

Присутните ќе можат да слушнат инспиративни говори од домашни и од странски активисти за друштвените мрежи како средство за промени, поезијата како отпор против патријархалните норми, за тоа како младите уметници се борат против скептицизмот, но и за правата на текстилните работнички.

Исто така, дел од говорниците ќе се осврнат и на „Мое здравје“ – гласот на лицата со оштетен слух, други ќе зборуваат за генерацијата „Зет“ и нивната моќ да го трансформираат активизмот и прават поинклузивен свет, а ќе бидат отворени прашања и за родовата еднаквост во 21 век.

Учесници на „ENGAGE“ ќе бидат активистката Kристина Ампева од „Гласен текстилец“, Нина Павичевиќ од Црна Гора, комуниколог и креатор на @kriticki, Леон Шумански од „Гола планина колектив“, потоа Викторија Хамет од САД, од организацијата Gen-Z for Change, Гералдина Гуера Гарсес од Еквадор, од фондацијата АЛДЕА, Христина Божиновска Ѓикова од здружението „Млад знак“, и активистката Аделина Тершани од Косово, која ќе има и своја изведба на слем поезија.

Настан ќе биде поделен во 3 дела: Engage the stage, каде што посителите ќе можат да слушннат домашни и меѓународни говорници кои ќе го пренесат нивното искуство на темите: родова еднаквост, животна средина, човекови права, граѓански иницијативи и музика; Engage the workshops – креативни работилници за реупотреба на стара облека со техника на сито принт, техники за справување со стрес и дишење и како да преживеете на планина и Engage the night – забавa со бендови од младата генерација дел од Гола Планина колективот.

Инаку, ENGAGE е единствениот собир за социјален активизам во земјава. Веќе 11 години домашни и странски активисти споделуваат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, култура, социјална промена, човекови права, дигитална демократија, слобода на говор, активизам и медиуми.

Со програмата, ENGAGE се обезбедува едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме.

Настанот, поддржан од National Endowment for Democracy, е бесплатен, а присуство може да се најави на овој линк.