СДСМ: Иванов да го прекине самоволието

„Иванов ќе добие и официјално известување од новиот собраниски претседател дека е демократски формирано легитимно парламентарно мнозинство и дека мора да постапи согласно Уставот и волјата на граѓаните и да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да ја формира новата влада“, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да го додели мандатот сè додека не се отстранат правните и политичките пречки.

Според СДСМ, Иванов ќе мора да го прекине „самоволието“, бидејќи секое дело спротивно на државните интереси е противуставно и казниво.

„Веќе постои и програма на новата реформска влада на унитарна Македонија, така што се исцрпуваат сите досегашни неразумни оправдувања на Иванов со кои тој ги штити криминалните интереси на Никола Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, наместо граѓанските и државните интереси“, се вели во реакцијата на СДСМ.