По повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, се сретна со претставници на градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
– Денеска славиме 71 година од ослободувањето на Скопје, односно го славиме 13 Ноември, денот кога Вие и Вашите соборци сте се бореле за негово ослободување, и на средбата со Вас се обидуваме да се сетиме на некои моменти од историјата. Ова е и одлична можност да се договориме какви чекори треба да преземеме за зачувување на тие спомени и добри дела, што беа пример за нашите генерации, но и за следните генерации. Јас и граѓаните на Скопје чувствуваме неизмерна почит кон борците, кои пред точно 71 година ги дадоа животите за слободата на овој град. Во тек е возобновувањето на споменикот на стреланите и работилницата за производство на експлозивни направи, а готови се и бистите на хероите Панче Арсовски и Панче Неделковски. Бистата на Панче Арсовски ќе се постави во средното училиште на град Скопје што го носи неговото име, а бистата на Панче Неделковски во градскиот парк – истакна градоначалникот Трајановски.
За време на средбата, Трајко Стаматовски од име на борците-ослободители на Скопје, му се заблагодари на градоначалникот Трајановски за приемот, како и за добрата соработка и за поддршката што тој им ја дава на членовите на Сојузот на борците.