fbpx

Безбедносната ситуација и ризиците за туристичката сезона

-

Актуелната политичка и безбедносна состојба во Македонија, особено по случувањата во Куманово минатиот викенд, го прават основано прашањето колку сето тоа ќе се одрази врз престојната туристичка сезона? Особено во Охрид, првиот македонски туристички центар.

Предупредувањата и стравувањата дојдоа од официјални места. Невозможно е вакви настани што ја дестабилизраат државата да не влијаат на одлуката на гостите кои планирале да дојдат на охридското крајбрежје, било да се тоа странски гости од подалечните земји или од соседството, смета градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Бакрачески додава дека извршиле одредени сондирања и разговори со хотелирите и со туристичките агенции кои имаат најавено аранжмани за Охрид.

– Има најави дека некои од нив би можеле во наредниот период да ги откажат своите аранжмани и тоа е нешто на кое ние треба да сметаме и треба да го вкалкулираме во нашите проекции за претстојната туристичка сезона. Јас не би сакал да дојде до тоа и се надевам дека безбедносната состојба ќе се подобри и со тоа, она што претставуваше проекција за оваа сезона, ќе се оствари и дека Охрид оваа година, доколку дозволи безбедносната состојба, ќе ја има најдобра туристичка сезона досега – смета Бакрачески.

Бакрачески најави дека Општината во делот на промоцијата на туризмот ќе има проактивна улога и ќе се користат сите можности преку саеми и други форми да се промовира Охрид. Од друга страна показателите за посетеноста досега најавуваат успешна сезона и очекувано зголемување на приходите од туризмот за 30 проценти.

Сепак, стравувањата на Бакрачески не се без основа. Холандската амбасада во Република Македонија на својот официјален профил на „Фејсбук“ објави совети за патување кај нас, со назнака „безбедносни ризици за патување во Македонија“.

„Безбедносната состојба во Македонија не е стабилна. Во полициска акција во градот Куманово, на 9 мај 2015 година, имаше загинати и повредени. Постојат безбедносни ризици за патување во Македонија. Ова произлегува како последица на безбедносната ситуација во Македонија која е нестабилна. Постојат безбедносни ризици особено за патување до границата со Косово, северно од линијата Тетово – Скопје – Куманово. Истото важи и за границата со Албанија, меѓу Струга и Тетово. Доколку се наоѓате во овие предели, задржете се најдоцна до зајдисонце“, стои во дописот објавен на официјалната фејсбук-страна на холандската амбасада во Република Македонија.

Холандските гости, заедно со оние од другите земји на Бенелукс, во моментов се најбројни на охридско-струшката ривиера и доколку продолжат политичките тензии, тоа може негативно да се одрази врз годинешната туристичка сезона.

Во Агенција за промоција и поддшка на туризмот на Република Македонија смируваат дека засега нема одложување на планираните патувања кон Македонија од странство. Оттаму потсетуваат дека Македонија преживеа тешки моменти, поврзани со криминална група која создаде закана по безбедноста на граѓаните, но опасноста целосно е отстранета.

„Информираме дека планираните патувања кон Македонија од странските партнери течат според предвиденото, односно, без откажувања во однос на резервациите кон Македонија“, се вели во нивното писмено соопштение.

Потсетуваат дека според Светската туристичка организација (UNWTO) ,Македонија, во однос на странски посетители, последните години е помеѓу земјите со најбрз пораст во туризмот од земјите во Европа. Нивните прогнози се дека во 2015 година Македонија ќе забележи пораст во туризмот поголем од 10 проценти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...