25 години МОФ – Младинскиот активизам не е лесен, но младите сакаат да бидат вклучени во носењето одлуки

Ова се заклучоците од денешната конференција на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Образование и млади“ која се одржа во Станица 26 во Скопје, по повод 25 години од основањето на организацијата

Момент од првата панел доскусија на денешнтата конференција по повод 25 години МОФ | фото: Мета.мк

Младинскиот активизам не е лесен, но младите сакаат да бидат вклучени во носењето одлуки, тие сакаат и се вклучуваат во процесите на неформално образование и имаат одредено ниво на медиумска писменост преку кое можат да проценат што е вистина а што не.

Накратко сумирано, ова се заклучоците од денешната конференција на Младинскиот образовен форум (МОФ) „Образование и млади“ која се одржа во Станица 26 во Скопје, по повод 25 години од основањето на организацијата.

На првиот панел со наслов „Иднината на образованието“ говорници беа Мартин Галевски – истражувач, Анастасија Саша Тофоска – тренер по дебата во МОФ, Христина Божиновска Ѓикова – воспитувач во ДУЦОР „Партенија Зоографски“, Александар Николовски претседател на Универзитетското студенско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС-УКИМ), и новинарот Огнен Јанески.

Во своето излагање, Тофоска рече дека неформалното образование бара многу труд и планирање.

„Неформалното образование користи различни методологии, односно се оттргнува од принципот на предавање и запомнување на факти. Се служи со некои други начини, како искуствено учење, услужно учење, групна работа и дебата. Мит е дека многу помалку труд и планирање е потребно во неформалното образование, тоа бара многу структура и многу напор како и инкорпорирање на овие различни начини на учење за да се добие продукт кој навидум изгледа опуштен и релаксиран“, рече Тофоска.

Претседателот на УСС-УКИМ, Александар Николовски порача дека се потребни промени во деловите за студенстко организирање и студенстиот стандард, но и дека неформалното образование може да го направи формалното образование поквалитетно.

Покрај него, новинарот Огнен Јанески говореше за неформално образование во форма на медиумска писменост и нагласи дека во државата имаме сериозен успех во делот на вметнување медиумска писменост во разни форми, во разни региони и училишта.

„Важно е младите да ги прашаме што ги интересира. Веќе младите не доаѓаат со празна глава, веќе доаѓаат младите кои не само што имаат знаење туку имаат и конкретни мислења кои се оформени врз база на знаењата кои ги имаат,“ нагласи Јанески и дополни дека социјалнте мрежи се одамна медиуми, а младите оттаму доаѓаат со знаење.

На вториот панел насловен „Улогата на младите во креирање на политики“ говореа Дона Костуранова, директорка во земјата за Фондација за демократија на Вестимнстер, Ана Наумоска, локален координатор во МОФ – Струга, Марија Мирчевска, истражувач, Панде Ефтимов, програмски координатор на програмата Активизам во МОФ и Мариана Ангелова, генерален секретар на Национален младински совет на Македонија.

Според Панде Ефтимов патот на младинскиот активизам не е лесен, а верувањето дека младите се недоволно заинтересирани е невистиното.

„Од сите овие претходни години заклучуваме дека активизмот е ефективен доколку се вклучени чуства. Активизмот не може да постои доколку не допре тоа што се случува до сите нас,“ изјави тој.

Покрај тоа, истражувачката Марија Мирчевска посочи дека е важно да се носат политики базирани на истражувања и докази бидејќи државите и институциите имааат должност да носат политики кои што се базирани на информирана одлука.

„Тие треба да бидат ефикасни и ефективни при решавање на некој проблем,“ кажа Мирчевска.

Според неа, на овој начин постои и транспарентност која придонесува за поголема доверба во институциите.

Младински образовен форум е младинска заедница која е основана во 1999 година. Организацијата е активна на национално ниво во 21 град. Преку 100 млади се членови на генералното Собрание на МОФ, кои се активни во програмски и проектни активности.