Инциденти за време на студентските избори на Универзитетот во Нови Сад, нападнати студенти

Тие биле нападнати од мажи во црно кои наводно го обезбедувале ректоратот. Според студентите, врз нив била фрлена експлозивна направа

Филозофскиот факултет во Нови Сад / Micki, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Под силно обезбедување и целосна забрана за влез на секој што нема студентски индекс, денеска се одржаа избори за членови на Студентскиот парламент на Филозофскиот факултет во Нови Сад.

Студенти од српската неформална група СТАВ рано утринава биле нападнати пред зградата на Ректоратот на Новосадскиот универзитет, јави дописникот на Нова.рс од местото на настанот.

Тие биле нападнати од мажи во црно кои наводно го обезбедувале ректоратот. Според студентите, врз нив била фрлена експлозивна направа.

Пред ректоратот дошла полиција, три полициски автомобили, како и амбулантно возило. На студентите Мила Пајиќ и Срѓан Ѓуриш им била укажана прва помош на лице место, по што биле префрлени во новосадскиот Ургентен центар. Пајиќ се здобила со полесни телесни повреди, додека Ѓуриш завршил со повреди на коленото.

Репортерката на 021.rs, Александра Ревес, пак, јави дека успеала да влезе во зградата на Ректоратот за да гласа. Откако прашала дали може да влезе внатре како новинарка, добила негативен одговор.

Новинарката јавува дека, пред да помине низ вратата чии стакла и прозори биле целосно покриени со хартија, била запрена и претресена од лица кои носеле легитимација од конференција со име „Cyber ​​​​Resilience in The Age of Smart Technologies“ и кои детално ѝ го прегледале индексот.

Според новинарката, на интернет нема информации за ваква конференција, ниту пак истата е објавена на веб-страницата на Универзитетот во Нови Сад. Таа не добила ни дозвола да влезе на конференцијата која наводно се одржувала.

Според информациите, во салата за гласање имало бројно обезбедување, гласачките кутии биле целосно залепени за да не можат да се отворат, а во близина стоел маскиран чувар облечен во црно.

Новинарката на 021.рс не смеела да фотографира или снима.

Зградата на Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад е излепена со плакати на кои е прикажан ректорот Дејан Мадиќ, а под неговото име пишува „Ректор на СНС (Српска напредна странка, н.з.)“.

Во меѓувреме, Унијата на студенти на Филозофскиот факултет на социјалните мрежи објави видеа од гласањето и ги повика студентите да учествуваат на изборите.

Според предвиденото, изборите траеја до 16 часот.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Organizovana grupa STAV (@stav.ns)