Девојките чии фотографии се нашле изложени пред илјадници членови на затворената група на „Телеграм“ наречена „Јавна соба“ се жртви на збирштина на сексуални предатори, кои виреат во една криперска средина каде родово базираната омраза не е само присутна, туку поттикната, велат за „Мета.мк“ експерти од областа на човековите права и родовото насилство.

Овие девојки треба да бидат заштитени, а виновниците треба да се бараат во членовите и администраторите на групата, кои не само што поттикнувале вакво однесување, туку и не го пријавиле кај надлежните. Објаснувањата дека било невозможно да се избрише групата се манипулативни, а вината треба да се бара и во институциите кои не реагираат навремено, во несоодветното образование и во неразбирањето на младите, како и во традиционалното мислење дека „честа на опшеството лежи во жената“.

Во меѓувреме, членовите на групата која првично требало да служи за објава на смешни видеа, а се претвори во група за размена на порнографски и еротски фотографии и видеа од девојки меѓу кои и малолетнички, преминуваат во слични групи на други платформи.

Додека се засилува впечатокот на јавноста дека тешко може да се заузда и држи ситуацијата под контрола, се гаснат профилите на социјалните мрежи на новинарите кои го истражуваат случајот.

Инстаграм и Фејсбук профилите на новинарката Мери Јордановска која прва објави во медиумите за овој скандал, вчера беа избришани. Ова се случило затоа што во пораките биле споделувани „еротски“ содржини, односно принт-скринови од групата кои ѝ служеле за истражување. Иако таа објаснила дека целта на споделувањето е новинарско истражување, сепак профилот на Фејсбук не ѝ е активиран повторно.

„Собата“ има повеќе од еден „домар“?

Поранешниот професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Игор Трајковски, кој воедно е и основач и сопственик на агрегаторот на вести „Time.mk“ вели дека, најверојатно, профилот на Јордановска го исклучил автоматизиран систем „кој детектирал дека нејзиниот профил споделува порнографска содржина преку пораки“.

– Фејсбук не гледа дека Јордановска е новинар. Фејсбук има автоматизирани методи за следење на споделуваните содржини, а „Телеграм“ тоа го нема – вели Трајковски.

Трајковски додава дека „Телеграм“ е безбедна апликација зависно од тоа како се дефинира поимот „безбедна“. Безбедна е, вели тој, ако два ентитета сакаат да комуницираат и не сакаат друг да ги чита.

„Но, ако едната страна ги сподели пораките, не е тоа проблем на безбедност на аликацијата“, посочува Трајковски.

Тој вели дека е можно да постојат објективни причини поради кои администраторот на „Јавна соба“ наводно се обидувал но не можел да ја затвори или избрише групата. Тоа е затоа што групата има и други администратори.

– Тогаш веројатно не може да ја избрише, затоа што не е само негова групата – заклучува тој.

Девојките не се виновни, туку администраторите и членовите на групата

Во меѓувреме, во јавноста и на социјалните мрежи не стивнуваат коментарите на осуда кон девојчињата чии фотографии се споделувани во групата „Јавна соба“, а која веќе е преименувана во „Хм….“. Ваквите ставови и перцепции наидоа на критика на јавноста.

Проф. д-р Румена Бужаровска, писателка и професорка на англиската катедра при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, е ужасната, иако не сосема изненадена, дека дебатата во случајот со масовна, насилна злоупотреба на слики и информации од малолетни, но и возрасни девојки и жени отиде во правецот на обвинување на девојките.

Според неа, овде има чиста ситуација во која 7.400 лица не само што споделувале, не само што барале фотографии и информации од девојчиња и жени (со име и презиме и локација, како слисок на желби), туку и кога виделе дека тоа се случува никого не алармирале, и групата, која меѓу другото е рај за педофили, воопшто не ја пријавиле.

– Вината е недвосмислено во злоупотребувачите, односно во тие 7.400 луѓе што свесно ги злоупотребуваат и им наштетуваат на девојчињата, нанесувајќи им трауми за цел живот, вели Бужаровска додавајќи дека вината лежи и во системот што не ги заштитува жртвите на ваков тип насилство.

– Но, и во институциите кои не реагираат, во немањето сеопфатно сексуално образование, во немањето социјални служби кои би можеле да им помогнат на жртвите на ваков тип насилство. Лежи во неразбирањето на тоа како денес младите ги користат социјалните мрежи и другите апликации. Лежи и во традиционалната „вредност“ дека честа на општеството лежи во жената, поради што жената бидува обвинета за сè што нејзе ѝ се случува – додава Бужаровска.

Според неа, тоа е како да го обвините покрадениот наместо крадецот, убиениот наместо убиецот.

– Тоа е како да им кажете на ќерките дека треба да учат карате и кик-бокс за да се заштитат од силувачи и напаѓачи, наместо да ги научите синовите да не напаѓаат и да не силуваат. Редно е нашето назадно општество да престане вината да ја натура на девојките и жените – и за тоа што им се случило, и за тоа што наводно сами не се заштитиле – додава таа.

Тајна криперска средина со родова омраза и фетиш за „неодобрени“ фотографии

Според Калиа Димитрова, уредничка во „Медуза“, првата македонска онлајн феминистичка платформа, членовите на „Јавна соба“ имаат типична психологија на сексуални предатори.

– Во групата членувале 7.400 млади и возрасни мажи, чиј фетиш очигледно не се експлицитни фотографии од девојчиња, туку „неодобрени“ фотографии кои се споделуваат без согласност, во една тајна, крајно криперска средина, каде родово базираната омраза не е само присутна, туку поттикната, а тоа е повеќе од очигледно доколку ги прочитате коментарите на фотографиите во групата, вели Димитрова.

Таа посочува дека луѓето кои се членови на овие групи имаат типична психологија на сексуални предатори, кои жените и женските тела ги гледаат како расположливи предмети, кои немаат никаква моќ, авторитет, право на приватност, ниту сопствена сексуалност.

– Со други зборови, случајот „Јавна соба“ е далеку посериозен од само споделување на фотографии и баш поради тоа нема да се реши со бришење на групата и со бришење на секоја следна група која ќе се појави – децидна е Димитрова.

Таа потенцира дека ова е проблем на сексуално и родово-базирано вознемирување и насилство, чии корени се наоѓаат во родовите стереотипи, ревиктимизацијата, неказнувањето на сексуалните насилници и предатори и ред други општествени „традиции“ кои мора да се решаваат сеопфатно во сите надлежни институции, во семејствата и секако училиштата.