Засадено „дрво на човековите права“ на местото на споменикот на Ќосето


       
Скопје, 10 мај, 2018 - 15:42 (META) 

На местото каде што до пред два месеци стоеше споменикот на Андон Јанев – Ќосето, денеска беше засадено дрво гинко, кое, како што вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов, е дрво на човековите права.

Во церемонијата, освен Шилегов, учествуваа и заменик-министерот за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, претседателката  на Градскиот совет на партијата СПД во Нирнберг, Ања Прелс-Камерер и амбасадорот на Германија, Томас Герберих, како и претставници од Нирнберг, кој е збратимен град со Скопје.

На церемонијата беше промовирана и изгравирана плоча, донација од Нирнберг. Таа, рече Шилегов, ќе потсетува на правото на праведно и јавно судење на секој граѓанин пред независен и непристрасен суд, изразено во Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации.

– Поставувањето на споменикот на Ќосето пред зградата на судот беше сфатено како порака за партиска послушност на судиите на тогашната власт. Но, отстранувањето на споменикот и засадувањето на таканареченото дрво на човекови права на местото на постаментот-дивоградба е симбол на почитување на законитоста, правдата и правичноста – истакна Шилегов.