Нов ласерски систем за спречување нелегална употреба на оружје

Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП кажа дека ја поддржува борбата против злоупотребата на мало и лесно оружје преку разни активности затоа што верува дека ова е ефикасен начин да се зголеми нивото на безбедност на македонските граѓани

Фото: УНДП

Со воведувањето нов систем за управување со деактивирано огнено оружје, овозможено преку донацијата од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе се спречи злоупотребата на оружје и ќе се подобри безбедноста во Северна Македонија, соопштуваат оттаму.

„Машината за ласерско означување оружје, која е поставена во Министерството за внатрешни работи, ќе означува деактивирано огнено оружје на специјализиран и траен начин. Ова оружје ќе биде систематски заведено со што ќе се подобри можноста за негово следење. Заедно со процесот на означување ќе бидат воведени и сертификати за деактивирање, опремени со заштитни карактеристики со цел да се спречи фалсификување“, наведено е во соопштението.

Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП кажа дека ја поддржува борбата против злоупотребата на мало и лесно оружје преку разни активности затоа што верува дека ова е ефикасен начин да се зголеми нивото на безбедност на македонските граѓани.

„Со набавката на оваа ласерска машина за маркирање оружје и со претходно инсталираниот микроскоп за анализа на траги од пукање, значително ги зајакнавме техничките капацитети на МВР за поефикасно справување, но и превенирање на нелегалната употреба на огнено оружје“, се додава во соопштението.

Заедничките интервенции на УНДП и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ѝ помагаат на земјата да ги исполни своите обврски во спроведувањето на прописите за означување увезено и деактивирано огнено оружје како и за исполнување на меѓународните стандарди и стандардите на Европската Унија за управување со мало и лесно оружје.

Амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје кажа дека донацијата ќе му овозможи на Министерството за внатрешни работи да издава сертификати за деактивирање усогласени со меѓународните стандарди и ефективно да ја зајакне контролата на оружје.

Донацијата на УНДП е финансирана од владите на Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка преку Повеќепартнерскиот фонд за спроведување на Патоказот за контрола на МЛО во земјите на Западен Балкан, поддржан од Европската Унија.