!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Буџетот за 2018 година е првиот чекор за економска стабилизација на земјата


       
Скопје, 10 ноември, 2017 - 14:25 (META) 

Владата со буџетот за 2018 година го прави првиот чекор за финансиска и економска стабилизација на Македонија, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конфренција на која го презентираше предлог-буџетот на државата за следната година.

Според премиерот, буџетот за 2018 година може да одговори на поставените цели затоа што е со развојна компонента и ќе насочува повеќе пари кон граѓаните и кон економијата.

– Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност на граѓаните. Обезбедува раздвижување на економијата, нови инвестиции и раст на извозот – рече Заев, нагласувајќи дека со него продолжува концептот на Владата и на Министерството за финансии за кратење на непродуктивните трошоци.

Предлог-буџетот следната година изнесува 3,4 милијарди евра, растот на бруто домашниот производ (БДП) е проектиран на 3,2 отсто, а буџетскиот дефицит на 2,7 отсто од БДП.

Заев го нагласи зголемувањето на платите во образовниот и здравствениот сектор за 5 отсто и во одбраната за 10 отсто, подвлекувајќи дека интеграцијата во НАТО е еден од клучните услови за привлекување на нови инвестиции.

Премиерот истакна дека во буџетот е предвидена силна финансиска поддршка за компаниите, односно 1,1 милијарди денари се предвидени за домашните, а 970 милиони денари за продолжување на поддршката на странските компании кои работат во земјава.

Над 2 милијарди денари се предвидени за продолжување на проектот за гасификација, кој Заев го вброи и како дел од мерките за справување со загадувањето на воздухот.

Тој истакна дека буџетските приходи ќе се зголемат со покачувањето на акцизата на нафтата, а парите ќе одат за болници. училишта, градинки и библиотеки.