Во Македонија гостува „Гласот на Јунан“, светската атракција од Кина


       
Охрид, 26 јануари, 2017 - 12:55 (META) 

Со два концерти, вечерва во Скопје и еден в сабота во Охрид, во Македонија гостува светската атракција од Кина „Гласот на Јунан“.

Овој музички спектакл на ансамблот од Пекиншката академија на традиционалната музика, го организира Фестивалот „Охридско лето“.

Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина.

– Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56 официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан – велат од „Охридско лето“.

Билетите за двата концерти се веќе во продажба преку продажната мрежа на „МК тикетс“, по цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.