!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Утре ќе се вади бродот „Мис Стон“ што потона во каналот Студенчишта


       
Охрид, 19 ноември, 2017 - 18:08 (META) 

За утре е закажано итно вадење на бродот „Мис Стон“ од каналот Студенчишта во Охрид, информираат од Општина Охрид.

Од Општината информираат дека на местото на настанот излегле претставниците на локалната самоуправа, надлежниот државен инспектор за животна средина од Охрид, кој направил вонреден инспекциски надзор, како и капетанот на охридската капетанија.

„Беше утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“, кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Во согласност со законската регулатива, Државниот инспекторат за животна средина ќе ги преземе сите законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка. Закажано е итно вадење на бродот од каналот со соодветна механизација, со што ќе се спречи понатамошно излевање на нафта во езерото, а со тоа и потенцијални последици за живиот свет во него и за животната средина“, велат од општинската администрација.