Туристичките убавни на Македонија беа промовирани по шести пат на саем во Утрехт, Холандија, кој се одржува од 13 до 17 јануари.

– Најголемите туристички оператори „Туи“ и „Корендон“ кои носат холандски туристи во Македонија, покажаа оптимизам за претстојната туристичка сезона, истакнувајќи ги неповолните гео-политички случувања во одредени делови од светот. Неодамна, откако белгискиот „Томас Кук“ беше во Македонија и склучи договори со македонските хотелиери, „Томас Кук – Холандија“ е следниот голем туристички оператор од холандскиот пазар кој најавува влез во Македонија – соопштуваат од Агенцијата за промоција на туризмот.

Најуспешните студенти по туризам од сите факултети и школи за туризам во Холандија, годинава ќе одржат конгрес од 21 до 28 мај во Охрид. Овој настан е во организација на најголемиот светски туристички оператор „Туи“, а дестинацијата за конгресот на студентите е по избор на холандските туристички агенции.

На штандот на Македонија за време на саемот во Холандија својата туристичка програма ја претставија македонските хотелиери и туристички оператори „Охрид холидејс“ и „Бохемија“, кои очекуваат успешна туристичка сезона.