!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димовски: Џафери дрско и арогантно го крши законот со најавата дека ќе се гласа


Скопје, 16 август, 2017 - 22:25 (META) 

Илија Димовски, кооординаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ вели дека најавата на Џафери дека утре ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Зврлевски, е „дрско и арогантно кршење на законот, до сега невидено во Македонија“, како и дека „одговорноста е најмногу на Џафери, а граѓаните ја гледаат и ќе ја казнат адекватно“.

– Тоа е спротивно на закон. Се крши Изборниот законик, а одговорноста е најмногу на Џафери.
Вакво дрско и арогантно кршење на закон до сега не е видено во Македонија. Граѓаните ја гледаат оваа дрскост и ќе ја казнат адекватно – вели Димовски за „Мета“.

Претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека утре ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, откако попладнево пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

– Денес утврдив дека е исцрпена листата на пријавени за збор и во продолжение на оваа седница утре ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија – рече Џафери во изјава за ТВ21.

Џафери смета дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери на крајот на денешното продолжение на седницата.


Џафери најави дека утре ќе се гласа за разрешување на Зврлевски


Скопје, 16 август, 2017 - 21:38 (META) 

Претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека утре ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, откако попладнево пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

– Денес утврдив дека е исцрпена листата на пријавени за збор и во продолжение на оваа седница утре ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија – рече Џафери во изјава за ТВ21.

Џафери смета дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери на крајот на денешното продолжение на седницата.


Собраниска квази-етикеција: Убаво кажано колешке, се согласувам колега, фала колешке…


Скопје, 15 август, 2017 - 16:22 (META) 

 

– Убаво кажавте колешке.

– Се согласувам колега.

– Фала колешке.

– Молам колега.

– Во право сте колешке.

– Да драг колега…

Ова се најчесто споменуваните фрази во маратонската расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се принудени сами на себе да си се обраќаат и персираат за да го задоволат правилото од Деловникот за да може да добија правот на реплика.

Тоа е регулирано со членот 89, став 1 од Деловникот на Собранието, кој вели дека претседателот на Собранието ќе му даде збор (реплика) на пратеникот веднаш штом ќе заврши говорот на кој реплицира.

Говорникот пак што сака да изнесе контрареплика, според членот 4 е ограничен само на една контрареплика во траење од една минута.

mirko-i-slavko

Комично и крајно вештачки делува таа собраниска квази-етикеција која мора да се применува за да се добие збор или да се обезбеди право на реплика и контрареплика.

Ова наликува на култната сцена од партизанските стрипови за Мирко и Славко кога двајцата излегуваат од ровот, па Славко вели „Мирко, пази куршум“, а овој одговара „Фала Славко“, бидејќи, нели, успеал да биде побрз од куршумот кој доаѓал кон него.


Контраспин: Собранието можело да разрешува министри, ама не смее да го разреши Зврлевски?!


Скопје, 15 август, 2017 - 11:41 (META) 

На 10.08.2017 година ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за работата на министерот за финансии Драган Тевдовски. Ваквиот потег на најголемата опозициска партија, којшто го сметаме за спинерски, на прес-конфернција го образложи пратеничката Лилјана Кузмановска,  која, меѓу другото, рече:

Спин: Министерот за финансии односно министерот за кратење и задолжување Драган Тевдовски со своето конфузно, неодговорно и некомпетентно работење во овие седумдесетина дена откако ја извршува оваа функција докажа пред нас пратениците и целата македонска јавност дека е поставен од страна на Зоран Заев единствено со цел да ги споведува погубните политики на СДСМ…

Поради демонстрираното незнаење и неспособност да ја извршува оваа фукција сметаме дека е потребно што поскоро Драган Тевдовски да замине од функцијата министер за финансии и на негово место да дојде способен министер кој што нема да прави катастрофални грешки во работењето. Македонија не може да си дозволи неспособен човек на оваа клучна позиција.

[Извор: веб – страница на ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 10.08.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Ова досега (11.08.2017), е четврта интерпелација поднесена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, иако Владата предводена од СДСМ сè уште нема 100 дена. Освен за министерот за финансии, Драган Тевдовски, опозицијата претходно поднесе интерпелации и за  министерот за надворешни работи Никола Димитров (09.08.2017), за министерката за труд и социјална политика Мила Царовска (08.08.2017) и за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски (07.08.2017).

Ваквите иницијативи на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се бара Собранието да ги  разреши министрите,  делуваат во најмала рака чудно, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ се противи Парламентот, сега откако се распишани локалните избори, да расправа за разрешување на еден друг државен функционер – јавниот обвинител Марко Зврлевски! Значи, според ваквите двојни аршини на ВМРО-ДПМНЕ државниот обвинител Зврлевски не смее да биде сменет, бидејќи е предизборен период и тоа според партијата, ќе значи кршење на Изборниот законик (член 8-а). Но, истиот тој Закон не е пречка Собранието да разреши неколку министри и потоа на нивно место да избере нови!

Фактички имаме една целосно нелогична ситуација. Од една страна се тврди дека:

Парламентарното мнозинство свесно влегува во кршење на Изборниот законик, бидејќи „членот 8-а од Изборниот законик ги ставаат во мирување сите вакви постапки“ (разрешување н.з.) (Илија Димовски)

Од  денот на донесување на одлука за распишување на избори до завршување на изборот и на самите избори, постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат директори на органи на државна управа и други државни институции за кои што владата има надлежност (Антонијо Милошоски)

А, од друга страна, се бара истото парламентарно мнозинство и во истиот, наводно, проблематичен (изборен), период да разреши четворица министри!

И токму ваквото поставување и гледање на работите претставува хипокризија. Значи, нема законска пречка Собранието да смени неколку членови на Владата, но има таков правен проблем кога е во прашање Зврлевски. Па, сега се бара и мислење од Државната комисија за спречување корупција за примената на член 8-а, став 1, алинеја 4 од Изборниот законик, и додека ДКСК не се произнесе собраниската расправа за Зврлевски треба да се стави во мирување! Што, исто така, претсавува спинување на целата ситуација.

Иако, автентично толкување на закони не дава Анатикорупциската комисија, туку Собранието и тоа е утврдено со Уставот на РМ. Тоа е регулирано со  членот 68 од Уставот , каде што се наведени надлежностите на Собранието, при што, меѓу другото, е посочено:

Член 68

Собранието на Република Македонија:

– го донесува и изменува Уставот;

– донесува закони и дава автентично толкување на законите;

За ваквото нелогично барање на ВМРО-ДПМНЕ, поранешениот член на ДКСК, Драган Малиновски, во изјава за „Дојче Веле“ вели:

Што се однесува до иницијативата за ова прашање да се произнесе ДКСК, сметам дека за такво нешто нема никаква основа, имајќи предвид дека ова не е прашање кое е регулирано со Законот за спречување на корупцијата, ниту, пак, ДКСК има таква позиција кон Собранието. Се разбира, автентично толкување на Изборниот законик може да дава само Собранието, како негов донесувач. 

Ако се погледне Законот за спречување на корупцијата, поточно  членот 49, каде се прецизно наведени надлежностите на ДКСК, може да се види дека таму воопшто не е предвидено дека оваа Комисија има овластувања да толкува закони.

Несомнено дека тоа го знае и ВМРО-ДПМНЕ, особено пратениците со повеќегодишен пратенички стаж како Димовски и Милошоски, кои од уста „не го вадат“ Уставот. Димовски деновиве на прашањето на „Мета“дали не е контрадикторно да се тврди дека Зврлевски не може да биде сменет сега, а во исто време да се поднесуваат интерпелации, немајќи што да каже, штуро одговара:

„Интерпелацијата е уставна категорија“.

Така што, јасно е дека намерата на опозицијата не е да се расчисти некаква вештачки поставена дилема, туку идејата е, кога веќе не може да се спречи смената на Зврлевски, тогаш барем да се разлече собраниската постпака колку што е можно повеќе. Затоа и се (зло)употребуваат парламентарните механизми кои им стојат на располагање: процедурални јавувања, релики, паузи, барање за токлување на закони, поднесување интерпелации…


Ангелов со ѕвончиња ја будеше совеста на Зврлевски


Скопје, 20 април, 2015 - 14:56 (META) 

Со ѕвончиња во рацете, денеска триесетина граѓани, заедно со генерал Стојанче Ангелов, пред влезот на Обвинителството ги повторија барањата, Марко Зврлевски да си даде оставка и да се објасни врз основа на која одлука забранува МРТВ да ги објавува политичките „бомби“ на опозицијата.

Барање-до-ЈО-Стојанче-Ангелов

– Не знам што прави овој човек сè уште во обвинителството. Нека ја напушти функцијата, има чесни обвинители што можат да го заменат. Со ѕвона, кои останаа од кравите на Субрата Рој, ќе го будиме Зврлески, ги најдовме на едно место оставени од кравите на Субрата Рој. Со овие ѕвона ќе се обидеме да ја разбудиме совеста на Зврлески бидејќи велат дека тој имал совест, ама му била заспана – рече Ангелов.

Како што рече Ангелов, секој ден, точно напладне, ќе се блокира влезот на Јавното обвинителство сè додека Зврлевски не си поднесе оставка.

Освен оставката, Зврлевски побара и апсење на Груевски, поради криминалите тешки милиони евра.


Активистите му покажаа на Зврлевски како изгледа хулигански напад


Скопје, 20 ноември, 2014 - 14:48 (META) 

„Истрагата е во тек – до кога“ и ужасни звуци од кршење стакло можеше да се слушнат денеска пред објектот на Основно јавно обвинителство. Со ова активистите за човекови права сакаа да ја доловат атмосферата што се случи пред неколку недели во кафулето „Дамар“, кога дваесетина хулигани го демолираа кафулето за време на роденденската прослава на ЛГБТ-заедницата.

Антонио Михалјовски од „Субверзиран фронт“, кој е дел од меѓународната агенција за борба против хомофобија и трансфобија, вели дека досега имало неколку напади, но ниту еден не е расчистен. Тој го праша јавниот обвинител, Марко Зврлевски, како би се чувствувал доколку тој или член на неговото семејство бидат нападнати и никој од надлежните не презема ништо.

– Сигурно би се чувствувале лошо доколку Ве нападнат Вас или Вашето семејство, а никој од надлежните институции не презема ништо и никој не е казнет? Затоа бараме да се решат сите напади кои се случиле врз ЛГБТ-заедницата – изјави Михајловски.

Ова е трет протест пред објектот на обвинителство на активистите за човекови права. На претходниот протест, активистите во црни ќеси, симболизирајќи лешеви, лежеа пред скалите на објектот на обвинителството.

Организаторите велат дека мирните протести ќе продолжат сè додека не се решат сите досегашни напади врз ЛГБТ-заедницата.