!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Тврдокорни“ го прогласија Иванов за „кукавица од претседател“ бидејќи не ги примил


Скопје, 12 октомври, 2017 - 20:21 (META) 

Дваесеттината членови на здружението „Преродба“, Семакедонскиот национален совет „Македониум“ и Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ кои денеска излегоа на протест пред претседателската резиденција, не успеаја да му го предадат барањето на претседателот Ѓорге Иванов за одземање на мандатот на премиерот Зоран Заев.

Претставници на здруженијата пред резиденцијата соопштија дека биле известени од обезбедувањето дека Иванов си заминал.

Гневни поради ова, тие го прогласија Иванов за „кукавица“.

– Овој момент да биде јавно пренесен за да види македонскиот народ каков кукавица од претседател има избрано. Кукавица од претседател кој што не сака да прими претставници на сопствениот народ, не може да има легитимитет – изјави Страшко Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет „Македониум“.

Тој рече дека протестите ќе продолжат и дека повторно ќе се обидат да му ги достават барањата на Иванов.

Членовите на здруженијата денеска одржаа мирен протестен марш, кој почна пред канцеларијата на Делегацијата на Европската Унија и преку булеварот Мајка Тереза (поранешна Водњанска) продолжи до претседателската резиденција на Водно.

Од иницијативата велат дека со одземањето на мандатот на премиерот Зоран Заев „ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок на државата, од сите дејства со кои државата и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација“.


Заев: МРТ ќе биде независен медиум, со независен директор и со независни уредници


Скопје, 6 октомври, 2017 - 14:49 (META) 

Со парите што ќе се издвојуваат од буџетот на државата за „Македонската радио-телевизија“ (МРТВ), ќе се обезбеди независност на националниот сервис, порача лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, од вчерашниот партиски мининг во Тетово, во рамките на кампањата за локалните избори на 15 октомври.

Ова Заев го истакна зборувајќи за укинувањето на радиодифузната такса, со која досега се обезбедуваа и до 47 отсто од средствата за МРТВ.

– Од 80.000 до 100.000 сметки се блокираа месечно поради радиодифузната такса. Ја укинавме и радиодифузната такса и повеќе нема никому да му доаѓа сметка за радиодифузна такса и да му биде блокирана сметката! Плаќате даноци, од буџетот ќе ги издвоиме сите тие пари за „Македонската радио-телевизија“ и тие ќе бидат исплаќани секој почеток на месецот од први најдоцна до пернаесетти. МРТВ нема да зависи ниту од Драган Тевдовски, министерот за финансии, ниту од Зоран Заев, ниту од кој било што ќе дојде по нас. Ќе има независен медиум, со независен директор, со независни уредници поради тоа што од независноста на МРТВ, зависи и неависноста на другите медиумите, а ако имаме независни медиуми, ќе има совест во Македонија, ќе гледаат непристрасно и ниту на Заев, ниту на кој било друг ќе му падне на памет да краде повторно од државата – рече Заев.

Според предложеното законско решение, за радиодифузна дејност е предвидено да се издвојуваат 0,5 отсто од државниот буџет, односно околу 885 милиони денари или 14,4 милиони евра, од кои на МРТ ќе ѝ припаднат 10,7 милиони евра (остатокот оди во Македонската радиодифузија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги).

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Независниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), бараат сумата за МРТ да биде 1 отсто од буџетот (околу 30 милиони евра), бидејќи, според нив, сè што е под оваа сума нема да гарантира независен, професионален и ефикасен национален сервис.

Инаку, од Министерството за информатичко општество и администрација во август годинава, на финална расправа беше испратен предлог-законот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде што процентот на буџетско финансирање за радиодифузијата беше 0,7 отсто. Но, наместо да се дискутира за таа верзија, сега се појави предлог-закон во кој процентот за финансирање на радиодифузијата е 0,5 отсто.

Со издвојување 0,5 отсто од државниот буџет, националниот сервис ќе има помалку пари на располагање од буџетите во изнинатите неколку години, кои беа од 18 до 23 милиони евра, пишуваше неодамна „Вистиномер“.

Обезбедувањето доволно средства за независно функционирање на МРТ е едно од клучните барања на Еврпската Унија и на европскиот експерт Рајнхард Прибе, во неговиот извештај од 2015 година, но и во најновниот, од јули годинава.

„Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување“, стои во извештајот на Прибе.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Собирањето потписи за лицата со посебни потреби продолжува во другите градови


Штип, 24 април, 2017 - 14:15 (META) 

Денеска до пладне во Штип, 600 граѓани се потпишаа во книгите за собирање потписи за измена на закони и на подзаконски акти за соодветни права на децата со посебни потреби.

Претседателот на здружението „Сплотени срца“, Зоран Мијалков, кој е и татко на дете со посебни потреби, изјави дека очекува акцијата да се интензивира.

– Денеска и утре ќе се постават книги за потписи во сите градови и села. Им благодариме на граѓаните, кои масовно нè подржуваат секаде во земјава – рече Мијалков.

Претставниците на здруженијата што ги обединуваат лицата со посебни потреби очекуваат неделава да бидат повикани на средба со претставници на повеќе министерства.

Тие очекуваат да почнат со преговори за бараните законски измени, со кои ќе се олесни животот на лицата со посебни потреби и нивните семејства.

Овие здруженија бараат корекции во неколку закони или промена на формулацијата на одредбите, со кои правата на лицата со посебни промени и практично ќе можат да заживеат.


122 граѓански организации побараа поддршка од граѓаните, институциите и од Владата


Скопје, 9 февруари, 2017 - 14:09 (META) 

„Нападот врз граѓанските организации не е само пропагандна вест за која се слуша по медиуми. Тоа е напад на граѓанското општество, на честа, на достоинството и на угледот на граѓани кои тука се родени, живеат, работат, плаќаат даноци, а своите работа и ангажман, професионално или волонтерски, ги посветиле на подобрување на животите на сите граѓани во државава еднакво“, порача Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.

На денешната прес-конференција, 122 граѓански организации под мотото „Мора да го заштитиме граѓанското општество во Македонија“ побараа поддршка од граѓаните, од институциите и од сегашната и од идната влада поради нападите врз граѓанското општество во последниот период.

– Ве повикуваме да ги поддржите организациите, групите, заедниците и индивидуите кои активно се залагаат за демократските вредности во Република Македонија, да застанете во заштита и во одбрана на граѓанскиот секотр, кој 25 години дејствува како контролор и поддржувач на работата на институциите и да го одбраните граѓанското општество кое се залага за почитување на граѓанските права и слободи – се вели во денешниот апел.

Најновиот бран напади стасаа од тројца поединци кои настапуваат како „Стоп Операција Сорос“, а истовремено, секојдневно по 9 часот, ВМРО-ДПМНЕ испраќа соопштенија со ист тон, во кои се обвинуваат невладините дека се дел од заговор за уништување на земјата.

Презентирајќи дел од соопштението потпишано од 122 организации од целата земја, кои работат во различни сфери, Пировска порача дека нападот врз граѓанското општество е напад врз најмоќната алатка на граѓаните со која тие може да ја контролираат и да ја коригираат власта.

Граѓанскиот сектор не е контролиран од никаков центар за моќ, туку само од граѓаните, рече Аријанит Џафери од „Еко-герила“.

– Ги отфрламе и ги сметаме за неточни и за тенденциозни обвинувањата за организациите од поширокиот граѓански сектор во Македонија, со кои тие се етикетираат како „деструктивни инсталации, платеници и банди“. Не постои „центар на моќ“ кај граѓанските организации, зашто во концептот и во идејата на граѓанското општество, единствената моќ ја имаат граѓаните – рече Џафери.

Интензивните инспекции и истраги на финансиското работење на граѓанските организации, како што нагласи Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата „Отворено општество“ ‒ Македонија (ФООМ), создаваат впечаток дека станува збор за намерно вршење притисок и предизвикување страв.

– Граѓанските организации редовно ги исполнуваат своите обврски кон државата и се залагаат за добро и транспарентно управување во сите сфери на општеството. Оттука, оркестрираните државни контроли на финансиското работење на десетици организации во ист временски период, оставаат впечаток на тенденциозно и намерно вршење притисок, предизвикување страв и нанесување штета врз слободниот граѓански сектор – нагласи Каранфилова-Пановска.

Таа, во име на граѓанските организации, ги повика претставниците на политичките партии, сегашната и идната влада, претставниците на институциите и граѓаните да ги поддржат нападнатите групи, порачувајќи дека таквата поддршка на граѓанскиот сектор значи и поддршка на граѓаните, кои се носители на суверенитетот на Република Македонија.

Прашана дали има сознанија дали и Јавното обвинителство на Република Македонија е вклучено во истраги на работењето на граѓански организации, Каранфилова-Пановска, рече дека такви сознанија засега нема, но не ја одрече таа можност и посочи дека и досегашните контроли, меѓу другото, и од страна на Управата за финансиско разузнавање, и тоа за работи што не влегуваат во нормалните проверки, е доволен доказ дека станува збор за притисок.

– Интензивните инспекции кај голем број граѓански организации се форма на притисок, особено што сега, наместо за минатата година, се проверува документацијата за пет години наназад, односно за финансиското работење од 2012 до 2016 година – рече Каранфилова-Пановска.

Уранија Пировска извести дека е поднесена кривична пријава против УЈП заради јавно објавените податоци од страна на „Стоп Операција Сорос“ и во други случаи.

– Станува збор за злоупотреба на лични податоци – рече Пировска, одговарајќи на новинарско прашање.


Општина Охрид го распиша кoнкурсот за наградaта „Св. Климент Охридски“


Охрид, 2 ноември, 2016 - 17:29 (META) 

Општина Охрид денеска извести дека е отворен конкурсот за наградата „Св. Климент Охридски“ за 2016 година.

Со наградата се оддава највисоко признание за животно дело, односно за долгогодишни остварувања и за врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за општината, придонесуваат за развојот на градот и за негова афирмација.

Како што посочуваат од Општина Охрид, право на учество на конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани, а наградата се доделува на еден добитник и не може да се дели меѓу повеќе добитници. Конкурсот трае до 20 ноември.


Протест: Стоп за загадувањето или блокада на градовите на 15 јануари


Скопје, 28 декември, 2015 - 19:13 (META) 

Ограничување на движењето на возилата во поширокото централно градско подрачје, воведување сообраќаен режим во денови кога има енормна загаденост, забрана на движење на возила кои користат горива со понизок стандард од „еуро 4“ и дизел, намалување на цената на билетот во јавниот превоз се дел од мерките што граѓаните и еколошките здруженија од Скопје, Тетово, Битола, Кочани, Кичево ги побараа од надлежните институции на протестот пред Владата.

Во однос на индустриските капацитети, предложија забрана за работа на тие со интегрирана дозвола А и Б, во услови кога концентрацијата на честичките ПМ10 ја надминува дозволената граница во времетраење од 24 часа.

До градежните компании упатија апел, кога воздухот е енормно загаден, да престанат со активностите за да се намали емисијата на прашина.

Здруженијата поставија ултиматум до надлежните власти дека доколку ваквите конкретни мерки не бидат преземени, на 15 јануари ќе ги блокираат загадените градови.

На протестот пред Владата говореа претставници од здруженијата од повеќе градови што се најпогодени од загадувањето.

Студентот и креатор на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски, истакна дека загадувањето е најголемо од 15 часот попладне до 3 часот по полноќ, што укажува дека еден од најголемите загадувачи е загревањето на домовите.

– Градежниот шут и пластиката што граѓаните го користит за греење го загадуваат воздухот. Тие се економски немоќни да се приклучат на топлификација. Бараме дел од буџетот за барокни градби, бродови, палми да биде пренаменет за субвенционирање на сметки за парно греење и за гасификација на државата – апелираше Јовановски.

Аријант Џафери од „Еко герила“ од Тетово апелираше до „Југохром“ од Тетово да стави филтри, па макар и барокни.

– Ставете ги филтрите во „Југохром“, па макар биле и барокни. Запрете го загадувањето зашто не можеме да го запреме дишењето – порача Џафери.

Од здруженијата изразија загриженост за сечата на дрвја и за уништување на зеленилото и упатија апел до надлежните институции не само да препорачуваат мерки туку и да преземат конкретни активности.


Средба за медиумите ќе има в среда


Скопје, 23 ноември, 2015 - 11:49 (META) 

Работните групи за медиумската сфера денеска и утре нема да имаат средби, дознаваме од извори во преговарачките тимови.

Наредната средба, најверојатно, ќе се одржи в среда, а рокот за да се постигне договор е крајот на оваа недела.

Во петокот, Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари пред Клубот на пратеници најавија дека ќе протестираат ако новинарските здруженија не бидат вклучени во разговорите за медиумите.

Насер Селмани, претседател на ЗНМ, реагираше на последните измени на Изборниот законик во кој се вклучени и интернет-порталите и предвидени се глоби од 8.000 евра.

– Најновите измени во Изборниот законик, кои се донесени во нетранспарентна постапка, се скандалозни. Големите казни, пак, ќе го зголемат притисокот врз медиумите, а може да предизвикаат и нивно згаснување. Ова што се случува е недозволиво и бараме Ванхауте итно да нè стави во преговарачкиот процес – изјави Селмани.

Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници, рече дека нема да дозволат зад затворени врати да се носат решенија.

– Нема да дозволиме да ни воведат цензура. ССНМ е згрозен од овој чин и од инсистирањето на мала врата да се внесе цензурата во медиумите – изјави Чаусидис.


Селмани: Големите казни ќе ги затворат медиумите


Скопје, 20 ноември, 2015 - 11:59 (META) 

Доколку новинарските здруженија не бидат вклучени во разговорите за медиумите на политичките партии и на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, новинарите ќе протестираат пред Клубот на пратеници, изјави претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани.

Тој реагираше на последните измени на Изборниот законик во кој се вклучени и интернет-порталите и предвидени се глоби од 8.000 евра.

– Најновите измени во Изборниот законик, кои се донесени во нетранспарентна постапка, се скандалозни. Големите казни, пак, ќе го зголемат притисокот врз медиумите, а може да предизвикаат и нивно згаснување. Ова што се случува е недозволиво и бараме Ванхауте итно да нè стави во преговарачкиот процес – изјави Селмани.

За Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, ова денеска е предупредувачка прес-конференција до тие што оваа професија ја направија најниско платена.

– Нема да дозволиме зад затворени врати да ни носат решенија. Нема да дозволиме да ни воведат цензура. ССНМ е згрозен од овој чин и од инсистирањето на мала врата да се внесе цензурата во медиумите – изјави Чаусидис.

Илија Димовски, член на работната група на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека владејачката партија е на линија со новинарските здруженија.

– Ние се залагаме за саморегулација на медиумите и за почитување на етичките стандарди. Зголемените казни не се идеја на ВМРО-ДПМНЕ туку на некоја друга политичка партија. Нашиот став е казните да бидат правопропорционални со големината на медиумот. Оние медиуми што се поголеми и што имаат поголем број вработени, треба да имаат поголеми казни и обратно. Сепак, новинарите не треба да се грижат бидејќи тоа ќе биде регулирано во Законот за прекршоци – изјави Димовски.

Пред почетокот на денешната средба на работните групи за медиуми пред Клубот на пратеници, белгискиот олеснувач Питер Ванхауте рече дека преговорите се пролонгирани до петок, кога очекува законите да бидат изгласани во Собранието.

– Не се решени кадровските промени во „Македонската радио-телевизија“ и во Македонската информативна агенција. Треба да се изнајдат долгорочни решенија. Промената на луѓето нема да промени ништо во медиумската сфера. Исто така, комерцијалните медиуми не смееме да ги ограничиме со забрана за реклами затоа што тоа е така во целиот свет. Сепак, очекуваме идната недела да ги разгледаме сите понудени решенија и се надевам дека ќе најдеме конечно решение за да ја заокружеме оваа тема – изјави Ванхауте.


Велика Британија ги забрани рекламите за е-цигари


Лондон, 25 декември, 2014 - 17:47 (META) 

Велика Британија вчера ги забрани телевизиските реклами за електронски цигари, откако пред само два месеци ги промени правилата за огласување со кои се овозможи нивно рекламирање, пренесуваат тамошните медиуми.

Одлуката ја донела Управата за стандарди за огласување(АСА). Таа била поздравена од здруженијата за борба против пушењето, кои ја проблематизираат легалноста на ваквите реклами.

АСА заклучила дека три реклами за е-цигари потсетуваат на традиционалното пушење цигари, прикажано на заводлив и гламурозен начин.

Од Управата објавиле дека одлуката е донесена и покрај тоа што во рекламите се избегнуваат изрази поврзани со тутунските производи и се емитуваат навечер, по 21 часот. Таа дејствувала врз основа на поплаките од разни лоби-групи, меѓу кои и Британското медицинско здружение и Акцијата против пушење, а имало и 187 поплаки од гледачи.

Поплаките, главно, се однесувале на отворената сексуалност на овие реклами и на тоа што се насочени кон малолетниците и кон лицата кои престанале да пушат, повикувајќи да ги пробаат е-цигарите.


Повластено користење автобус за лица со посебни потреби


Скопје, 16 декември, 2014 - 12:58 (META) 

Советот на Град Скопје, на предлог на Градоначалникот на Град Скопје, на седницата одржана на 02 декември 2014 година, изгласа програма со која се определуваат видовите на повластеното користење на јавниот градски превоз, категориите на лица со посебни потреби кои имаат право на повластено користење на јавниот градски превоз, како и условите и постапката за стекнување на тоа право.

Заинтересираните граѓани, лица со оштетен вид, лица со оштетен слух, лица со телесно оштетување, лица со интелектуална попреченост, бубрежно болни лица, како и инвалидите на трудот, инвалидски пензионери и воените инвалиди, правото на повластено користење на јавниот градски превоз можат да го остварат преку соодветните здруженија на граѓани организирани на подрачјето на Град Скопје.

За остварување на правото на повластено користење на јавниот градски превоз во 2015 година, заинтересираното лице со посебни потреби, поднесува барање до здружението на граѓани во кое членува.

Здруженијата на граѓани, конечниот список на баратели што ги исполнуваат условите и за кои предлагаат добивање на легитимации, треба да го достават до Градот Скопје, најдоцна до 16 јануари 2015 година.

За дополнителни информации, претставниците на здруженијата можат да се јават на телефон 3297 – 321, во периодот од 9 до 15 часот.