Повеќе синдикати, граѓански организации и здруженија не се согласни со третиот пакет мерки за економска помош на Владата и реагираат дека е тој донесен без усогласување со нивните ставови и барањата, посочени на заедничкиот состанок со владините претставници. Во нивното заедничко соопштение стои дека Владата не прифатила ниту една од дадените забелешки.

„Особено сме незадоволни од мерката за паричен надоместок за само два месеца за лицата кои ја изгубиле работата, со што Владата не го испочитува договорот кој го постигнавме на состанокот на 30 април, кога се договоривме овие лица да бидат опфатени со системското решение за осигурување во случај на невработеност. Односно, да добиваат надоместок во временски период зависно од нивниот стаж, а не само за 2 месеца“, стои во нивното соопштение.

Тие реагираат дека со третиот пакет на мерки, наместо еднократни „дарови“, требаше да има системски промени, во насока на повеќе грижа за работниците, сиромашните и сите други обесправени. Синдикатите критикуваат дека многу повеќе средства се предвидени за фирмите отколку за граѓаните (околу 3 пати повеќе), а мерката за платежни картички е подложна на малверзации, поради нивна набавка и изработка, за што веројатно ќе треба да има тендер.

„Мерката за викенд без ДДВ е проблематична, може да направи гужви по продавници, со тоа и ширење на корона вирусот, злоупотреби од одредени фирми и слично. Наместо тоа, подобро е државата да даде директна финансиска поддршка на погодените граѓани. Мерките не треба да прават разлика меѓу вработените и невработените лица. На многу вработени не им беа исплаќани плати за време на кризава, или пак им беа давани пониски плати, па тоа што биле формално вработени нема некое големо значење за нив“, се вели во нивното соопштение.

Потписници на реакцијата, меѓу другите, се и : Синдикатот на УПОЗ, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Здружението на граѓани „Гласен Текстилец“.