Фото: Град Скопје

ЈП „Лајка“ од овој месец почнува со редовни состаноци со здруженијата за заштита на животните кои ќе се одржуваат два пати во месецот, информираат од таму.

Целта, како што велат е, со заеднички напори да се постигне – што поголем број стерилизирани бездомни кучиња и намалување на нивниот број на улиците, лоцирање на клучните проблеми во процесот на справување со бројот на уличните кучиња, вдомување, размена на искуства и помош при чистење, бањање и чешлање на кучињата од одделот за вдомување.

„Сметаме дека само со заеднички напори можат да се решат проблемите кои сите не засегаат, а кои ќе бидат за доброто на бездомната популација на кучиња.Преку заеднички состаноци и средби со здруженијата, сметаме дека ќе се намалат и нивните трошоци и трошоците на граѓаните, а сето тоа ќе води кон долготрајна соработка преку која краен бенефит ќе имаат и жителите на Град Скопје, здруженијата и се разбира уличните животни,“ се вели во соопштението.

Првиот состанок ќе биде одржан на 7 мај, петок во 17:30 часот, а вториот состанок е предвиден на 22 мај, сабота во 11:00 часот.

„Термините можат да бидат променети на барање на здруженијата за заштита на животните. Ова е четврта официјална покана до здруженијата за заштита на животните.Доколку има активисти кои не се членови на здружение, а сакаат да го дадат својот придонес, можат да не контактираат,“ се додава во соопштението.

Поканата е отворена за сите здруженија и активисти кои ќе го потврдат присуството на e-mail адресата [email protected]